На Медитеранските игри во Алжир, Македонија ќе има 109 спортисти
Македонската експедиција на Медитеранските игри (МИ) во алжирскиот град Оран, кои ќе се одржат од 25 јуни до 5 јули, ќе има 109 спортисти, кои, пак, ќе настапат во 12 спорта.
Машката и женската ракометна репрезентација на Македонија веќе ги дознаа своите ривали со кои ќе ги одмерат силите на Медитеранските игри (МИ). Така, избраниците на селекторот Кирил Лазаров се во групата Б и ќе играат со селекциите на Шпанија, Турција, Грција и на домаќинот Алжир. Во групата Б, пак, се репрезентациите на Тунис, Словенија, Египет, Италија и на Србија. Лазаров претходно го објави поширокиот список за настап на Медитеранските игри, а потоа го скрати на 22 ракометари, во кој преовладуваат млади сили.
Осумнаесетте избранички на селекторот Љубомир Савевски, пак, исто така, се најдоа во групата Б, а за ривалки ќе ги имаат Србија, Португалија и Турција. Во А групата се домаќинот Алжир, Шпанија, Тунис и Хрватска. За Македонките, кои ќе настапат во комбиниран состав, ова ќе претставува добра увертира во настојувањето што поподготвени да го дочекаат Европското првенство (ЕП) во ноември годинава, на кое Македонија е еден од домаќините, покрај Словенија и Црна Гора. Подготовките на машката и на женската репрезентација на Македонија ќе почнат на 13 јуни.
На Медитерански игри во Оран ќе играат и машката и женската одбојкарска репрезентација, мажите се во групата А, со селекциите на Италија и на Египет, а жените се во групата Б, со репрезентациите на Грција, Тунис и на Египет.
Македонија на минатите МИ, одржани во 2018 година, во Тарагона (Шпанија), освои два златни, еден сребрен и три бронзени медали. На 19-те Медитерански игри во Оран се очекува да настапат 3.434 спортисти, од 26 држави, во 24 спорта.
Comments