top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

На локалитетот „Тумба Маџари“ откриена фигурина од типот на „Голема Мајка“ и амфора

05.07.2024 juli Petok

На неолитскиот локалитет „Тумба Маџари“, на територија на Општина Гази Баба, откриена е фигурина од типот на „Голема Мајка“, како и амфора. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска го посети локалитетот, се работи за значајни откритија.

„Новопронајдената фигурина заедно со уште една амфора, се многу значајни предмети кои ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на територијата на државата и даваат посебна важност на македонската археологија, историја и култура. За нас како Министерство за култура и туризам од особена важност е што новите наоди покажуваат дека границите на локалитетот се прошируваат и дека во иднина истражувањата ќе продолжат. Наша обврска ќе биде да дадеме засилена поддршка на овој партнерски однос што го имаат Археолошкиот музеј и Општина Гази Баба“, посочи министерот Љутков. Тој додаде дека веќе е изготвен елаборат за валоризација на локалитетот и дека Министерството ќе даде силна поддршка за заштита на културното наследство како врвен приоритет.

„Овој локалитет ќе се прогласи за културно наследство од особено значење и Тумба Маџари, како дел од урбаното Скопје, ќе мора многу повидливо да се стави и во функција на културниот туризам“, додаде министерот, посочувајќи дека следната година овие археолошки истражувања ќе продолжат да се поддржуваат со многу поголеми средства.

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, додаде дека „Тумба Маџари“ е единствениот ваков локалитет кој се наоѓа во урбана средина.

„Овој локалитет е особено значаен за Општината, но и за Градот и затоа ја поддржувам иницијативата со која овој локалитет ќе се прогласи за културно наследство, со што локалитетот ќе добие трајна државна заштита и во иднина општината ќе продолжи со промоција на овој локалитет“, истакна Стефковски.

Директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, пак, додаде дека ова откритие се случува во годината кога музејот бележи 100 години од основањето и воспоставувањето на првото институционализирано собирање на движното културно наследство од Македонија.

„Ова откритие сите археолози ги направи среќни, затоа што се враќаме на археолошки истражувања на Тумба Маџари по десет години“, додаде Бабамова која на градоначалникот на Гази Баба му врачи награда за поддршката што овој музеј на отворено ја добива од страна на Општината.

За значењето на откритието зборуваше м-р Елена Стојанова-Канзурова, археолог од Археолошкиот музеј на Македонија и раководител на археолошки ископувања на локалитетот „Тумба Маџари“. Таа истакна дека ликовната интерпретација на жената родилка, симболот на плодноста, неолитскиот вајар во овој случај ја има претставено на единствен начин кој го нема никаде на друго место во светот.

„Оваа претстава е карактеристична за ’Тумба Маџари’, за локалитет од овој период во Скопскиот Регион. Културата на неолит во скопскиот регион многу се разликува од соседните и светските неолитски култури и се надевам дека ќе се создадат услови овие претстави на големите мајки од Скопскиот и од Пелагонискиот Регион да ги номинираме во УНЕСКО и да добијат статус на Светско културно наследство“, истакна Стојанова-Канзурова. (Д.Т.)


2 views

Comments


bottom of page