top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

На локалитетот Влахо – бројни наоди за интензивен живот во раниот неолит

14.10.2024 Oktomvri Ponedelnik

Заврши истражувањето на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија. Од Центарот за истражување на предисторијата посочуваат дека во текот на овогодишното истражување се вршеше сондажно ископување во западниот дел на неолитската населба, а со цел да се направи увид во културните слоеви на овој простор.

„Се констатираше дека тие се напластени во длабочина поголема од 2 метри и се доста подлабоки од оние детектирани во сондите во источниот и јужниот дел, што укажува на особено интензивен живот во оваа населба во текот на раниот неолит.

Во рамки на ова мноштво на културни слоеви се констатираше присуство на повеќе архитектонски структури, меѓу кои и остатоци од една земуница, градба вкопана во земја. Освен неа се открија подови од повеќе надземни објекти градени еден врз друг, а сочинети од наталожени слоеви на гареж и пепел, што упатува на горење после нивната примарна функција“, велат од Центарпт за истражување на предисторијата.

Оттаму посочуваат дека е интересно што во одреден простор на овие наслоени градби, се поставувале внимателно редени и поплочени камени мелници за брашно, притоа формирајќи невообичаени структури во повеќе етапи од животот во овие објекти.

„Некои од пронајдените мелници се вертикално и странично поставени, потврдувајќи ја нивната секундарна функција како градежни или обредни предмети. Кон интензивниот живот во раниот неолит на овој простор упатуваат и бројните наоди откриени во детектираните културни слоеви. Меѓу нив најприсутни се остатоците од керамика, односно глинени садови не ретко сликани со бела боја или обликувани во форма на животно. Исто така се открија и предмети поврзани со други секојдневни активности, како што се камените ножиња и секири, коскените игли, керамичките кугли за ловење, дисковите и теговите за ткаење итн.“, додаваат од ЦИП.

Имајќи ги предвид и податоците добиени од континуираните истражувања на Влахо кои траат од 2020, станува збор за културни слоеви кои го евидентираат животот во оваа неолитска населба меѓу 6400 и 6000 година пред новата ера. Во овогодишната кампања намерно беше избран простор кој се наоѓа меѓу два од десетината ровови констатирани со геомагнетното скенирање на локалитетот. Тоа потврди дека во него се одвивале динамични општествени и симболички процеси во најраните етапи на неолитот, а кои резултирале со постепено формирање на културни слоеви во длабочина дури повеќе од 2 метри.

Истражувањето на археолошкиот локалитет Влахо е резултат на постојаната плодна соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, а која континуирано трае од 2015. Благодарение на оваа соработка се истакна уникатниот карактер на Влахо кој има есенцијално значење за македонското културно наследство. Овој локалитет предизвика големо внимание во светската научна јавност поради својата изненадувачка старост и автентичните архитектонски обележја, како и поради неговото неоправдано уништување при експлоатацијата на јаглен. Во таа насока Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола значително придонесуваат во заштитата и промовирањето на овој уникатен археолошки локалитет во Македонија, но и пошироко во Европа.


0 views

Comentarios


bottom of page