top of page

На денешен ден започна музичка револуција — легендарната Ем-ти-ви го промени светот пред 45 години фото и видео

01.08.2026 Avgust Sabota

На денешен ден, на 1 август 1981 година, започна со емитување телевизија што засекогаш го промени начинот на кој светот ја слуша, гледа и доживува музиката. Легендарната Ем-ти-ви официјално се појави на малите екрани во 00:01 часот, а првите зборови што ги слушнаа гледачите беа: „Дами и господа, рокенрол“.

Само неколку моменти подоцна беше емитуван и првиот музички спот во историјата на каналот – „Video Killed the Radio Star“ на британската група „Баглс“. Изборот на песната подоцна доби симболично значење, бидејќи токму видеоспотовите станаа новиот јазик на музичката индустрија.

Првите кадри што ги видоа гледачите беа од слетувањето на мисијата „Аполо 11“ на Месечината, по што американското знаме беше заменето со препознатливото лого на Ем-ти-ви – сцена што стана едно од најпознатите телевизиски отворања во историјата.

Телевизија што создаваше ѕвезди

Во своите почетоци, Ем-ти-ви речиси целосно емитуваше музички спотови, кои ги најавуваа водители познати како видео-диџеи. Благодарение на огромната гледаност на каналот, издавачките куќи почнаа да вложуваат сѐ повеќе пари во снимањето креативни и спектакуларни видеоспотови, претворајќи ги во вистински мали филмови.

Ем-ти-ви одигра клучна улога во глобалната популарност на некои од најголемите музички имиња на осумдесеттите години, меѓу кои Мадона, Мајкл Џексон, Принс и „Дјуран Дјуран“. Нивните видеоспотови постојано се вртеа на програмата, а милиони гледачи токму преку овој канал ги откриваа новите музички хитови.

Само три години по своето лансирање, во 1984 година, телевизијата ги востанови и Видео музичките награди на Ем-ти-ви, кои со текот на времето прераснаа во една од најпрестижните и најгледаните музички церемонии во светот.

Од музички спотови до реални шоуа

Кон крајот на осумдесеттите години Ем-ти-ви постепено почна да го менува својот концепт. Покрај музичките содржини, на програмата се појавија реални шоуа, документарни емисии, анимирани серии и забавни формати наменети за младата публика.

Со текот на годините музиката сѐ повеќе отстапуваше место на забавната програма, а каналот од телевизија посветена речиси исклучиво на музички спотови се претвори во еден од највлијателните брендови на популарната култура.

Интересно е што во земјите каде што на крајот на 2025 година беа затворени музичките канали на Ем-ти-ви, последната емитувана песна повторно беше „Video Killed the Radio Star“. Со тоа, по повеќе од четири децении, симболично се затвори кругот што започна токму на 1 август 1981 година.


 
 
 

Comments


bottom of page