На Гимбабица откриен нов ритуал на погребување од IV и III век пред н.е.
Updated: Jul 21, 2021
20.07.2021 Juli Vtornik
Годинава првпат на некрополата, а со тоа и првпат во регионот се откриени гробови кои претставуваат правоаголни јами слободно вкопани во здравицата без каква билоконструкција, што е нешто ново во споредба со гробните конструкции од претходните истражувањa каде што беа откривани најразлични гробни конструкции од камен и камени плочи. Нова појава која беше забележана на некрополата е погребување на спалени покојници, нешто што првпат се среќава во овој регион во хеленистичкиот период и не е својствено ниту за соседниот Охридски регион. Интересно е што минатата година на овој локалитетот е откриена импресивна гробна архитектура и накит од III век пред н.е.
Некрополата „Гимбабица“, која се наоѓа на зарамнето плато што се надвишува над модерниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид, во непосредна близина на селото Избишта во Преспа, открива нови информации за гробните форми и ритуали, како и животни приказни на луѓето кои тука се погребани. Како што велат од Археолошкиот музеј, реализирана е четвртата археолошка истражувачка сезона, а некрополата е мошне значајна за македонската археологија затоа што засега е единствената во Преспанскиот Регион од овој период која се истражува систематски. Она што според надлежните произлезе од годинашните истражувања е откритието на нови гробни форми, како и регистрирањето на нов ритуал на погребување. Годинава првпат на некрополата, а со тоа и првпат во регионот беа откриени гробови кои претставуваат правоаголни јами слободно вкопани во здравицата без било каква конструкција, што е нешто ново во споредба со гробните конструкции од претходните истражувачки сезони, каде што беа откривани најразлични гробни конструкции изработени од камен и камени плочи.
Погребувања на спалени покојници
„Нова појава која беше забележана на некрополата е погребување на спалени покојници, нешто што првпат се среќава во овој регион во хеленистичкиот период и нешто што не е својствено ниту за соседниот Охридски регион каде се истражувани далеку поголем број некрополи и гробови. Според откриениот движен археолошки материјал овие гробови слободно може да се датираат во веќе утврдените хронолошки рамки на некрополата втора половина на 4 век пр.н.е. и прва половина на III век пр.н.е.“, велат од Археолошкиот музеј. Оттаму најавуваат дека по теренските истражувања ќе продолжат со кабинетска анализа и проучување на добиените податоци и материјалот, а потоа со јавно публикување на резултатите. Раководител на проектот е Перо Арџанлиев, а стручниот тим го сочинуваат археологот Илија Бошковски и Благоја Фузевски.
Интересно е што минатата година со археолошките истражувања под раководство на м-р Перо Арџанлиев и археолозите Илија Бошковски и Вангел Иванов, на овој локалитетот е откриена импресивна гробна архитектура, како и накит од III век пр. н.е. Покрај вредните сознанија за карактерот на некрополата и погребните обичаи беше откриено исклучително погребување на машки покојник. Ова е заклучено од импресивната гробна архитектура, во која бил погребан, како и од фактот дека во пределот на десната рака се откриени два прстена, појава која е ретка не само за некрополата туку и пошироко за овој период.
Импресивна гробна архитектура и накит
Арџанлиев за весникот ВЕЧЕР тогаш посочи дека досега на територијата на државата се откривани покојници од тој период, но никогаш на рака не носеле по два туку по еден прстен, што укажува на тоа дека се работи за лице кое веројатно имало посебно место во општествениот живот во овој регион.
„Минатата година исто така откривме голем број наоди како бронзени садови, оружје и керамика, што укажува дека се работи за богато наоѓалиште“, посочи тогаш Арџанлиев, кој додава дека има и наоди од IV век пред н.е. и постари.
Со пробивањето на модерниот пат во 1953 година, случајно се откриени првите наоди од некрополата. По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов, од Музејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр.н.е. По точно 65 години приказната за оваа некропола повторно беше актуализирана. Тимот археолози од Археолошкиот музеј предводен од Перо Арџанлиев во 2018 година успеа точно да ја лоцира и хронолошки да ја детерминира некрополата.
Проектот се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Античката приказна за Преспа, според надлежните ќе продолжи да се открива и во иднина. (Д.Т.)
Comments