top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

На веб-порталот на МАНУ: Кукушкиот, роден говор на Гоце Делчев, и во дигитална верзија

– Важноста на монографијата „Кукушкиот говор“ (од проф. д-р Коста Пеев) ги надминува границите на дијалектологијата и станува неизбришливо сведоштво за историското, јазичното и за културното наследство на еден од највпечатливите јужни македонски говори, како и роден говор на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Оваа монографија носи уште едно научно сведоштво за континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и за огромното богатство на македонското јазично и културно наследство – велат од МАНУ

Двата тома на монографијата „Кукушкиот говор“ од проф. д-р Коста Пеев се објавени и во дигитална верзија. Тие се поставени од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при МАНУ, на веб-порталот за дигитални ресурси на македонскиот јазик.

– Важноста на монографијата „Кукушкиот говор“ ги надминува границите на дијалектологијата и станува неизбришливо сведоштво за историското, јазичното и за културното наследство на еден од највпечатливите јужни македонски говори, како и роден говор на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Дигиталното издание на оваа монографија не само што ќе помогне овој говор да излезе од заборавот на времето туку и ќе овозможи следните генерации дијалектолози, македонисти, слависти и сите други заинтересирани, да имаат увид и можност за проучување на дел од историјата на македонската дијалектологија, како и пристап до неверојатен извор на богатата дијалектна лексика – потенцираат од МАНУ.

Оттаму додаваат дека со поставувањето на оваа монографија во дигитална форма, одново се осветлува еден важен сегмент од македонскиот дијалектен простор и ѝ станува достапен на пошироката јавност. Оваа монографија носи уште едно научно сведоштво за континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и за огромното богатство на македонското јазично и културно наследство.

Инаку, печатеното издание на „Кукушкиот говор” е објавено од „Студентски збор” во 1987 (Том 1) и во 1988 година (Том 2). Авторот, проф. д-р Коста Пеев, за двата тома на „Кукушкиот говор” ја доби највисоката награда од областа на науката – „Гоце Делчев”. Оваа монографија се состои од две книги – првата (во обем од 355 страници) го претставува граматичкиот опис и анализа на кукушкиот говор (фонологија, морфологија, синтакса…), додека втората книга (во обем од 361 страница) ни носи неверојатно богат лексички материјал во форма на речник, фразеолошки речник и текстови (околу 120).

Проф. д-р Коста Пеев (Струмица, 26 јуни 1936) е македонски славист и македонист, дијалектолог и специјалист за дијалектите на македонскиот јазик од Егејска Македонија.

Двата тома на монографијата „Кукушкиот говор“ се достапни на линкот: http://dijalekti.manu.edu.mk/dijalekti.html.

На веб-страницата на МАНУ, во дигитална форма може да се прочитаат и трите тома на „Дијалектите на македонскиот јазик“, како и „Фонолошки бази на говорите на македонски јазик“ од Божидар Видоески и книгите „Говорот на селото Кула Серско“ и „Кичевскиот говор“ од Веселинка Лаброска.


9 views

Comments


bottom of page