На Берлинале: Сара Климоска ја прими наградата „European Shooting Stars“ за 2021
„Имав прекрасни, возбудливи и интензивни три дена во Берлин на првата летна едиција од Берлинскиот филмски фестивал. Конечно имав можност во живо да ги запознам колегите до кои ја делам наградата European shooting stars и навистина секој еден од нив е исклучителен! Благодарна сум на Агенцијата за филм на РСМ за номинацијата и на European Film Promotion за наградата и за приредување на едно неверојатно искуство“, изјави актерката Сара Климоска која вчеравечер во Берлин ја прими наградата „European Shooting Stars“ за 2021.
Таа беше дел од официјалната церемонија за доделување на наградите за најдобри европски актери во подем која се одржа на специјално изградената сцена на Berlinale Museum Island.
Наградите ги додели Maria Schrader – која е во главна улога на филмот “I’m your man”, филм кој е добитник на Сребрена Мечка на Берлинскиот филмски фестивал. Добитници на Shooting stars за 2021 година се уште девет европски актери.
Наградата Климоска ја доби за нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов, „Лена и Владимир“, во продукција на Минд Продукција, според сценариото на Александар Русјаков.
Од Македонија досега оваа награда ја добиле Благој Веселинов во 2019, Наташа Петровиќ во 2011 и Лабина Митевска во 1998 година.
Comentarios