На 74. Кански фестивал: Престижната „Златна палма“ за француско-белгиската драма „Титан“
19.07.2021 Juli Ponedelnik
Филмот „Титан“ (Titane) на режисерката Жулија Дукурно ја освои главната награда (Palme d’Or) на 74. Кански филмски фестивал. Триесет и седум годишната Французинка Дукурно е втора жена режисер што ја освоила престижната „Златна палма“ по Џејн Кампион во 1993 година за „Час по пијано“
Француско-белгиската драма-трилер „Титан“ (Titane) на режисерката Жулија Дукурно ја доби „Златната палма“ (Palme d’Or) на 74. Кански филмски фестивал. Триесет и седум годишната Французинка Дукурно е втора жена режисер што ја освоила престижната „Златна палма“ по Џејн Кампион во 1993 година за „Час по пијано“. На француската режисерка наградата ѝ ја врачи американската актерка Шерон Стоун.
Во „Титан“, по низа неразјаснети злосторства, татко е повторно обединет со синот кој исчезнал пред 10 години. „Тоа е голема игра покер“, посочи Жулија Дукурно за нејзиниот нов филм. Главните улоги ги толкуваат Винсент Линдон и Агата Русел.
Сцена од филмот „Титан“
Гран-при наградата, пак, ја поделија Асгар Фаради за филмот „A Hero“ од Иран и Џухо Куосманен за „Compartment No.6“ од Финска. Наградата за најдобра режија отиде кај Леос Каракс за филмот „Анет“ од Франција, за најдобра актерка беше прогласена Рената Риенсвеј за остварувањето во филмот „Worst Person in the World“ од Норвешка, а за најдобар актер Калеб Ландри Џонс за „Nitram“ од САД. За најдобар дебитански филм наградата ја доби Антонета Кусијановиќ за „Мурина“(Murina) од Хрватска.
Како што е познато, оваа издание на Канскиот фестивал за Македонија беше посебно, бидејќи годинава за првпат македонски филм се натпреваруваше во официјална селекција – за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм. Краткометражниот игран филм „Северен пол“ по сценарио и во режија на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на „Кино око“, светска премиера имаше на 16 јули во салата „Дебиси“ (Debussy Theatre). „Ова е огромен успех за македонскиот филм и голем исчекор во неговото позиционирање на меѓународната филмска мапа. Овој успех на продуцентот и целокупната филмска екипа Агенцијата за филм го честита и преку официјална честитка во престижниот филмски магазин Variety – во печатеното дневно издание на магазинот на 10 јули“, изјавија од македонската Агенција за филм.
Инаку, наградата за најдобар краток филм ја доби остварувањето „All The Crows In The World“ на Танг Ји од Хонг Конг.
Жирито на Канскиот филмски фестивал со кое претседаваше американскиот филмски режисер Спајк Ли избираше меѓу 24-те филмови во официјалната конкуренција.
Канскиот фестивал, кој годинава се одржуваше од 6 до 17 јули и на кој беа прикажани повеќе од 60 филмови, покрај пандемијата успеа да собере поголем број светски филмски sвезди и на црвенит тепих и на задолжителната фотосесја на сончевата француска ревиера. Престижниот фестивал, кој обично се одржува секој мај, годинава беше преместен во јули. (Н.И.Т.)
Comments