На 25 и на 26 септември:„Македонисимо“ на Трпчески и пријателите во Штип и во Битола
По пет години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојувањето на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески ја продолжува мини-серијата концерти со македонската премиера на интернационалниот музички проект „Македонисимо“.
По спектаклите во струшкото село Збажди и пред Националната опера и балет во Скопје, в недела, на 25 септември, на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип и в понеделник, на 26 септември, на платото пред Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 19 часот, Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонисимо“, кој во издание на британската куќа „Лин рекордс“ го обиколи светот.
Проектот што, по идеја на Трпчески, на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор Панде Шахов, е реализиран од уникатниот тим на „Македонисимо квинтет“ во кој, покрај Симон Трпчески на пијано, членуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев на удиралки.
И оваа изведба, публиката ќе може да ја проследи бесплатно.
Концертите се организираат со поддршка од Општина Штип и од Општина Битола.
Comments