top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Мултимедијалниот проект „Фрагментирани реалности“ на Страхил Петровски во КИЦ – Скопје

“Фрагментирани реалности / fragmented realities“ е мултимедијален проект на уметникот Страхил Петровски, кој ќе биде претставен пред јавноста и љубителите на визуелната уметност во двата салона на Културно – информативниот центар во Скопје на 24. ноември во 20 часот. Ова е 20-та самостојна изложба на авторот.

“Изложбата е конципирана со избор на дела од мојата најнова продукција создадени оваа година и се изработени во различни медиуми и визуелни конгломерации: просторна инсталација – дела на хартија и ready-made објекти поставени во салонот Империјал 1 и видео инсталации (4 видеа) во салонот Империјал 2. Што се однесува до самата нарација во делата, тука го претставувам своето наталожено искуство и став за импактот на колективната и особено лична одговорност (изгубена во лавиринтите на обременетата динамична и конфузна технолошка денешнина на информацискиот хаос…), низ комплексни слоеви од универзални значења“, вели уметникот.

Инаку, идејата има длабока стратиграфија, а јасен и концизен концепт. Поставката е чиста во минималистички дух, транспарентна и едноставно читлива.

“Во овој проект експериментирам и се изразувам преку дела изработени на индустриска хартија, ready – made објекти, фотографија и видео како медиуми кои имаат повеќеслојно значење, иницираат прашања и нудат различни толкувања на размислите кои се однесуваат на егзистенцијалното, при тоа позиционирајќи се себе си како автор и ангажиран критичар на реалноста на современото општество. Проектот пред сé е моја субјективна реакција, и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, безкрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст оваа изложба нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото“, додава Петровски.

Годинава, поточно во септември 2023 уметникот се претстави и во Братислава, Словачка, со просторна инсталација и перформанс “ГЛАСОВИ/VOICES”, во Куманово, во Уметничка галерија со фотографска и видео инсталација “МЕМЕНТО МОРИ/MEMENTO MORI” (октомври 2023). Наскоро од печат ќе излезе и публикација од проектот “Синергија во времето” претставен минатата година (во декември) во Велес.






0 views

Comments


bottom of page