top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Мултимедијална изложба за траумата како култура на однесување, егзистенција и опстанок

11.12.2020 Декември Петок

„Траумакултура“ е насловот на мултимедијалната изложба која се отвора денес (11 декември), во Ариљеметал, фабриката за производство и дистрибуција на сврзувачки материјали, на улица Перо Наков. На изложбата на Институтот за култура и уметност Арс Акта земаат учество Игор Сековски, Славица Јанешлиева, Гоце Наневски и Борис Шемов, а куратор на проектот е Ана Франговска. „Проектот ќе се реализира во индустриски контекст, со што претендираме кон отклон од институционалната рамка на изложување и перципирање на современата уметност. Темата е тесно поврзана со терминот на траума или болка, кон која секој од авторите пристапува индивидуално, од сопствена перспектива и перцепции. Се смета дека болката ја заматува свеста и затоа ја вознемирува објективноста. Славица Јанешлиева, Игор Сековски, Гоце Наневски и Борис Шемов, во дадениот проект пристапуваат кон третирање на концептуалната рамка, не ставајќи граници и ракавици во сопственото разобличување и ‘ослободување’ од потиснатата или видлива емоција на траума која покрај интимна, во себе компилира и просторна траума на нашата општествена егзистенција“, се посочува кон изложбата и притоа се истакнува дека нивната траума е тесно поврзана со политичките состојби, со економската нестабилност, еколошките загадувања, со траумата на духот, со антропологијата, етиката, естетиката, моралот итн. „Траумата како да несвесно навлезе длабоко во сите пори на живеењето и од привремена состојба, цинично и критички гледано секако, прерасна во култура на однесување, егзистенција, опстанок. Со слична леснотија како што говориме за рок култура, панк култура, поп култура итн., сега, во даденава констелација, се наметнува еден сосема несвесен, а специфично локален дискурс на траумакултурата. Дали и колку може да ја претстават болката, и сопствената, но и туѓата? Дали таа може да се варира и во нови медиуми, т.е. да стане апстрактна, а сепак алузивна, но никако патетична. Може ли болката да се преточи во извезена визуелна поетика (Славица Јанешлиева), или пак во аудио запис на хармонија која преминува во какофонија (Игор Сековски)? Може ли таа да биде видена низ перформативниот чин, како процес на деструкција (Гоце Наневски) или деконструкција (Борис Шемов)?“, на овие прашања одговараат избраните автори преку своите мултимедијални дела и ја комуницираат својата перцепција на траумата. Проектот ќе трае само еден ден, а потоа истиот ќе биде раширен вирално онлајн.





1 view

Comments


bottom of page