top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Музички словенечки документарци во Кинотеката

Во рамките на августовската програма на Кинотеката на Македонија, во најава се три музички документарци во словенечка продукција, со проекции на 23 и 24 август. Под генералниот наслов „Музиката е уметност на времето“, Игор Зупе реализира два документарци – за албумите на бендовите „Лајбах“ и „Панкрти“, а Варја Мочник за пресвртничкиот албум на бендот „Булдожер“.

Реализирани во почетокот на 1980-тите, албумите на овие бендови ги поставија темелите на музичкиот и социополитичкиот бунт во Словенија, како што во Загреб и Белград паралелно се тркалаа настаните во ритамот на „новиот бран“.

Гости на проекциите ќе бидат документаристот Игор Зупе и филмскиот режисер Андреј Кошак. Овие три документарни филмови Кинотеката ги прикажува во соработка со Амбасадата на Република Словенија во Скопје.

На 23 август е предвидена проекција на филмот „Лајбах“ на Игор Зупе, во 20 часот. Истиот ден од 21 часот ќе следува проекција на „Панкрти“, уште еден документарец на Зупе што ја раскажува приказната за времето кога музиката имала моќ да го промени светот. Филмот „Булдожер“ ќе се прикаже на 24 август, во 20 часот. Во документарниот филм на Варја Мочник, членовите на поранешната словенечка (од југословенската ера) рок-група „Булдожер“, нивните пријатели и обожаватели се сеќаваат на времето на објавување на деби-албумот на групата „Плукни ѝ на вистината в очи“ од 1975 година. Нивните сеќавања се испреплетуваат со измислени сцени, дизајнот на лонгплеј-плочите, архивски снимки и анимации, за на крајот да се спојат во инвентивен, надреалистички филм, кој не зборува само за легендарниот албум туку и за општеството и реалноста од тоа време.


1 view

Comments


bottom of page