Музиката на Џајковски во новиот проект на „Амстердам синфониета“
Во текот на септември и октомври се реализираа 11 изведби на проектот „Пуста земја“ на „Амстердам синфониета“. Овој музичко-балетски перформанс е инспириран од една од најпознатите поетски творби на 20 век, „Пуста земја“ од Т.С. Елиот. Освен од Кирил Џајковски, во овој проект се користеше музика и од Стравински, Лејег, Берг, Најман. Проектот, кој во холандските медиуми беше опишан како прекрасна фузија од музика, поезија и танц, беше одлично примен и посетен од холандската публика во Амстердам, Ротердам, Утрехт, Тилбург и во другите градови во кои се реализираше оваа турнеја.
– По неверојатната турнеја, може да погледнете еден од највпечатливите моменти на овој перформанс, изведбата на „Brothel Tango“ од Кирил Џајковски – изјавија од „Амстердам синфониета“.
Овој проект е уште едно продолжување на активностите на Џајковски поврзани со театарска и филмска музика. Пред неколку месеци работеше на музиката за последниот проект на Александар Поповски, „Хероини“, кој беше поставен во Љубљанскиот градски театар, а во текот на идниот месец своја фестивалска премиера ќе има и словачкиот филм „Пиарџи“, кој го режираше Иво Трајков, а за кој музиката ја напиша Џајковски. Во ноември и музиката од филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски првпат ќе има официјално дигитално издание на сите светски дигитални музички сервиси.
コメント