Музејот „Пикасо“ побогат за осум дела донирани од неговата ќерка
28.09.2021 Septemvri vtornik
Музејот „Пикасо“ во Париз наскоро ќе стане побогат за уште осум дела на познатиот шпански уметник, донирани на француската држава од неговата најстара ќерка, Маја Руиз-Пикасо.
– Донацијата на Маја Руиз-Пикасо вклучува и скулптура од нејзината приватна колекција – соопшти француското министерство за култура.
Во соопштението се наведува дека делата, сега во сопственост на Француската национална колекција, му се донирани на музејот „Пикасо“ во Париз, каде што ќе бидат изложени од 22 април 2022 година, како дел од изложбата посветена на Маја Руиз-Пикасо, која е родена во 1935 година.
Од Министерството истакнуваат дека делата, кои се од различни креативни фази на Пабло Пикасо, ја збогатија колекцијата на веќе изложените уметнички дела од големиот сликар. Донацијата се состои од шест слики, една скулптура и блок со скици. Музејот „Пикасо“ во Париз, кој е отворен во 1985 година, ја содржи најголемата колекција на уметнички дела на Пикасо во светот.
Во барокната вила „Хотел Сале“ се изложени 5.000 дела на Пикасо и десетици илјади архивски документи. Посетителите можат да видат повеќе од 200 слики, околу 1.500 цртежи, скулптури, гравури, дела од керамика и експериментални дела на Пикасо.
Изложбата вклучува и приватни фотографии на уметникот со неговото семејство. Пионерот на кубистичкото движење почина во 1973 година, во Франција, на 91-годишна возраст. Многу тешко се доаѓа до делата на Пикасо дури и меѓу познатите колекционери. Тој не сакал да ги продава своите слики, им ги оставил во наследство на своите потомци.
Kommentare