top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Музеите и театрите при секој поголем дожд со спремни кофи

Примери има многу, па по поплавувањето на просториите на Македонскиот народен театар во септември, од кога малата сцена е надвор од употреба, деновиве во јавноста протече и информацијата за прокиснување на покривот во Музејот на Македонија. Како што неофицијално дознаваме, поради оштетување на покривот, дел од вредните икони од репрезентативната галериска поставка, се сместени во депо на сигурно, а дел од просториите на вториот кат се затворени?!

Со секој поголем дожд музеите и театрите во Македонија стравуваат од можни прокиснувања на покривите, па дури и поплавувања на цели простории, што зборува за состојбата на објектите од областа на културата на кои во најголем дел им е потребна сериозна санација и реконструкција.

Примери има многу, па по поплавувањето на просториите на Македонскиот народен театар во септември, од кога малата сцена е надвор од употреба, деновиве во јавноста протече и информацијата за прокиснување на покривот во Музејот на Македонија. Како што неофицијално дознаваме, поради оштетување на покривот дел од вредните икони од репрезентативната галериска поставка, се сместени во депо на сигурно, а дел од просториите на вториот кат се затворени?!

Иако од надлежните во Музејот, до затворањето на весникот, и покрај нашите настојувања не добиеме официјална информација, од Министерството за култура посочија дека Музејот ќе биде целосно реконструиран, но реализацијата на проектот ќе се случи наредната 2023 година.

„Почнуваме со целосна реконструкција на Музејот на С Македонија. За таа намена отворивме нова буџетска програма која, за реализација на првата фаза, се предвидува 50 милиони денари или над 800 илјади евра. Реконструкцијата започнува во 2023 година. Во тек е ревидирање на основниот проект за целосна реконструкција, што ќе заврши до крајот на годината, и потоа продолжуваме со барање до Министерство за транспорт и врски за одобрение, па потоа и за јавен повик за изведувач“, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура.

Оттаму, исто така, посочуваат дека е затворено и прашањето со протекувањето во Музејот на современа уметност.

„Санацијата на покривот и на покривната конструкција е завршена во поголем дел (над 70 проценти). Министерството за култура, за оваа намена, одвои пет милиони денари. Со тоа, создадени се услови за враќање на вредните дела од постојаната поставка на МСУ кои беа засолнати на безбедно“, истакнуваат од Министерството.

Во изминатите години при секој дожд прокиснувања на покриви имаше и во Драмски, НУБ „Свети Климент Охридски“, Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, Центарот за култура во Дебар, во Гостивар…

И додека посетителите во Музејот на Македонија сега имаат можност да видат само дел од изложените дела од збирките кои се поставени на првиот кат, публиката во Македонскиот народен театар ги гледа претставите само на големата сцена, бидејќи малата е целосно затворена, а затворен е и дел од фоајето.

„Иако поплавата која во септември се случи во МНТ беше од сосема друг тип на поплавувања, не од покривот туку од атмосферските води, кои како буица дојдоа од Кале, имаме повеќе позиции од кои протекува во објектот. Тука е терасата на вториот кат поради која фоајето е затворено, но репертоарот во моментот непречено тече како и подготовките на претставата „Сите сме птици“ на Слободан Унковски, која на 17 декември ќе има премиера. Од поплавата до сега сè уште не е во функција малата сцена, каде што осигурителната компанија треба да каже колку ќе одобри за поправка, а каде е потребна потполна санација. И тие позиции не се достапни за работа. Во 2021 беше направена санација на терасата, но не беше направена како што треба. Таа е затворена, но водата си најде друг пат, и бидејќи не е направена хидроизолација отворени се други „патишта“ за водата. Во меѓувреме се прави и вештачење на објектот да се види од почетокот каде е проблемот. Секако, тука е близината на реката, квалитет на употребениот материјал… Ние гледаме да се заштитат горните тераси за да не се оштетува ентериерот. Со оглед дека е зимски период, кога не може да се интервенира, ќе чекаме подобро време. Има добра волја од Министерството за култура да се реши проблемот, за што се одобрени и средства, но проблем е исто така да се најде квалитетен изведувач“, посочува директорката Угриновска.

Со оглед дека МНТ е релативно нов објект, проблемот со поголем дел од институциите е резултат на долгогодишна негрижа од страна на властите или несоодветна реконструкција која по одреден период повторно доведува до проблеми при секој поголем дожд. На објектите од култура, пак, во меѓувреме не им останува ништо друго освен да ги подготват крпите и кофите. (Д.Т.)




1 view

Comments


bottom of page