top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

МТФ „Војдан Чернодрински: Во Прилеп по 58. пат се слави театарот – промената сме сите ние!

10.06.2024 Juni Ponedelnik

„Промената е во секој од нас, ние сме промената! Педесет и осум пати во овие педесет и девет години, овде во Прилеп, почнувал фестивал кој влијаел, влијае и ќе влијае на сите нас…“, кажа Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ на отворањето на 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој од се одржува од 7 до 14 јуни во Прилеп  

„Промената е најискрената потрага по сопствениот креативен потенцијал. Промената е и првата победа во битката со конформизмот, старите навики, инертните или наследени ситуации. Промената е во секој од нас, ние сме промената! Педесет и осум пати во овие педесет и девет години овде во Прилеп почнувал фестивал кој влијаел, влијае и ќе влијае на сите нас“, кажа меѓу другото Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ на отворањето на 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој се одржува од 7 до 14 јуни во Центарот за култура во Прилеп.

Со дополнителни столчиња беше збогатено гледалиштето на Центарот за да ја собере прилепската публика што сакаше да биде дел од отворањето на фестивалот. Нив пред влезот на Центарот ги пречекаа веселите скомраси и живите статуи. Задржувајќи ја симболиката на слоганот на фестивалот „Промени се, промени сè“ учесниците на програмата „Чернодрински за деца“, кои во изминатите две години работеа, учеа и создаваа театар во Прилеп, дадоа свој придонес во отворањето, секој споделувајќи што за него е промената. Фестивалот за отворен го прогласи токму најмалиот учесник меѓу нив, Антониј Кузманоски.

„Се решив оваа година да ја донесеме промената инспирирана од нашиот автор во фокус. Горан Стефановски го менуваше и својот креативен и својот интелектуален свет и истовремено ги инспирираше другите да се менуваат“, истакна Стојаноска. Таа се заблагодари на сите за можноста заеднички да се прослави театарската уметност во овие осум денa.

„Платформата ‘Враќање дома’, која е дел од четиригодишниот план на фестивалот, ни ја отвора можноста да се вратиме кон корените, да ги прифатиме нашите традиции, и да ги искористиме за да изградиме посветла иднина. Враќајќи се дома, се поврзуваме со нашите вредности и го зацврстуваме македонскиот идентитет кој го носиме со гордост…“,  пак, истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески. Тој им ги врачи наградите за животно дело на актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.


„Со огромно задоволство ја примам оваа награда. Пред сè затоа што таа доаѓа од страна на моите колеги, мојата фела, бранша или како што би рекол Горан Стефановски, од моите театарџии. Особено ми е драго што ја добивам токму на 58. издание на фестивалот, каде што автор во фокусот е Горан Стефановски, зашто во сета моја актерска биографија, Стефановски има голем и значителен простор. Сакам да ѝ се заблагодарам на публиката која во изминатите години беше секогаш со мене и секогаш го имав оној впечаток дека никогаш не сум играла за публиката, туку со публиката, т.е .заедно со неа. Од тоа заедништво се родиле безбројни мигови за кои секој актер сонува, поради кои секој актер ја гледа смислата на оваа наша професија. Ви благодарам од сè срце“, рече Таневска-Србиновска.

Суптилна емоција на голема благодарност и длабок наклон на публиката и подари актерот од Велешкиот театар, Јордан Витанов.

Претставата „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, на Драмскиот театар од Скопје, беше првата претстава од официјалната програма што ја виде публиката.

Како најава на фестивалот во библиотеката „Борка Талески“ беше отворена изложба на фотографии со портрети на Горан Стефановски и изданија на библиотеката на Авторот во фокус.

Во Центарот за култура на програмата на фестивалот беше одиграна и претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска на Македонскиот народен театар. Отворена е и Детската зона на фестивалот, а во киното „Мис Стон“ гостуваа и млади актери од Актерската школа на Весна Петрушевска.

Денес, (9 јуни) многу активности, промоции, презентации, претстави се дел од програмата посветена на Горан Стефановски.

Во продукција на ФДУ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се прикаже филм посветен на Стефановски. Две претстави се дел од  програмата на третиот фестивалски ден, според текстот „Црна дупка“ на Стефановски со актерите од Театарот „Антон Панов“ од Струмица, и во режија на Љупчо Ѓоргиевски, како и е дипломската претстава на студенти од ФДУ.

Вечерва (10 јуни) ќе можат да се проследат уште две претстави. Во 19:30 во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на програмата е претставата „На дното“ на Битолскиот театар, а во 22 часот пак, во театарот „Војдан Чернодрински“ е претставата „Домот на куклата“ на Турскиот театар од Скопје.

Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ се Министерството за култура и Општина Прилеп.


1 view

Comments


bottom of page