top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Мојот сон е да прескокнам осум метри“

19.07.2021 Juli Ponedelnik

Андреас Трајковски, кој од следната година треба да биде дел од атлетската репрезентација на Македонија, е роден во Копенхаген, во март 1993 година, татко му потекнува од Македонија, мајка му е од Данска и веќе доби македонско државјанство. Пролетва тој настапи на два натпревара во Македонија, надвор од конкуренција, во скок во далечина и на 100 метри, и во блиска иднина се надева дека ќе настапува и за македонската репрезентација. Во скок во далечина неговиот личен рекорд е 7,83 метри, а на 100 метри 10,57 секунди. – Моите амбиции се да ја претставувам Македонија на голема сцена, да бидам првиот Македонец што некогаш настапил во финале на европско (ЕП) или на светско првенство (СП), секако и да учествувам на летни олимписки игри. Со мојот најдобар резултат годинава (7,83 метри) тоа е можно, бидејќи минатите години, скок од 7,65 до 7,80 метри значеше и пласман во финале на ЕП. Мојот најголем сон е да прескокнам осум метри, бидејќи само 250 луѓе во историјата на атлетиката ја имаат поминато оваа бариера – вели Трајковски.

Какви се вашите релации со Македонија, како се случи тоа да настапувате за Македонија? – Горд сум на моите македонски корени. Отсекогаш посакував да ја претставувам Македонија, знам дека атлетиката во Македонија заслужува поголемо внимание и сакам да помогнам. Татко ми потекнува од Куманово, но се преселил во Копенхаген на петгодишна возраст. Мојата девојка, исто така, е Македонка, па затоа често доаѓаме. Со атлетика почнав да се занимавам на 12-годишна возраст, сега тренирам во Копенхаген, со татко ми, кој ми е тренер и кој своевремено, исто така, бил атлетичар, спринтер. На СП до 20 години во Барселона во 2012 година прескокнав 7,82 метри, но потоа речиси секоја година имав мака со повредите. Во 2016 година во сала прескокнав 7,87 метри, а годинава на отворено 7,83 метри, што е мој најдобар резултат – вели Трајковски. Кои се вашите атлетски идоли? – Карл Луис, пред сите. Отсекогаш него најмногу сум го почитувал – вели Трајковски. Надвор од атлетиката тој е извршен директор и основач на „Џамперс ворлд“, агенција за социјални медиуми фокусирана на атлетика, која ги промовира најголемите новости во овој спорт, со 373.000 следбеници на Инстаграм, генерирајќи од 75 до 100 милиони прегледи месечно на социјалните мрежи.

Синадиновски: Трајковски е во полна атлетска зрелост

Андреас Трајковски го следам уште кога како 16-годишно момче настапи на Светското првенство (СП) за млади младинци во Бресаноне, Италија, каде што беше деветти со скок од 7,32 метри. Таа година на Европските олимписки игри за млади во Тампере, Финска, го освои златниот медал со скок од 7,37 метри. Овие успеси и неговото презиме ми го привлекоа вниманието и почнав повеќе да се интересирам за него. Андреас на 28 години е во полна атлетска зрелост кога се постигнуваат најдобрите резултати. Убеден сум дека наскоро ќе ја прескокне границата од осум метри затоа што е многу посветен и мотивиран, вели Кире Синадовски, претседател на АК Работнички и директор на Скопскиот маратон.


1 view

Comments


bottom of page