Мотивација е цел свет да има корист од фудбалот
Updated: Sep 23, 2021
22.09.2021 Septemvri Sreda
АРСЕН ВЕНГЕР, ШЕФ ЗА ГЛОБАЛЕН РАЗВОЈ НА ФИФА
По многуте минати години пред телевизиските камери, честопати со кисела насмевка на лицето, велејќи „не го видов тоа“, кога станува збор за контроверзните инциденти во кои беше вклучен неговиот тим Арсенал, Арсен Венгер (71) признава дека сепак добро видел што сѐ се случува. – Понекогаш беше многу смешно, си мислев „па добро, можеби ќе мине така“. Тоа беше и добар начин понекогаш да се извлечам од некои непријатни ситуации! – вели Венгер, сега шеф за глобален развој на ФИФА, во ексклузивното интервју за весникот „Телеграф“. Таа смисла за хумор е една од „квалитетите“ што Венгер најмногу ја сака во Англија, земја за која чувствува длабока припадност по 22-те години минати во Арсенал. Таа страст е евидентна и во автобиографијата на Венгер, „Мојот живот во црвено-бело“, која е добитник на наградата на „Телеграф“ за најдобра спортска книга на годината, како и на наградата за спортски бестселер. Во интервјуто, тој говори за тоа колку бил застрашен од новата улога во ФИФА, како и за тоа дека е задоволен што сега има помалку „клоцање“ на натпреварите во Премиер-лигата и оти процените за неговите последни неколку години во Арсенал биле „груби“. – Генерално, треба да прифатиме дека нашите денови завршуваат во одредена фаза. Сега сум целосно фокусиран на ФИФА и не се грижам премногу за другото. Секогаш има луѓе што велат „вие сте многу стари“, тогаш мислев дека се во право, но јас сум во добра форма и не сум одлучил дека нема да го правам тоа повеќе – истакнува Венгер. Во автобиографијата признава дека се чувствувал „малку изгубено“ првото утро по напуштањето на клубот.
– Арсенал засекогаш ќе биде во моето срце, но сега сум фокусиран на моите следни задачи во ФИФА. Најдобрите години во кариерата ги посветив на подобрување на она за што мислев дека е важно, на стадионот и на клубот да биде способен да се соочи со иднината – истакнува Венгер. Познато е дека Венгер никогаш не го прекршил договорот и оти ги одбил понудите од повеќе водечки европски клубови, како и понудите да биде селектор на француската и на англиската репрезентација. – Ми се допаѓа како работи Герет Саутгејт, како и сите менаџери што траат долго, Пеп Гвардиола, Јирген Клоп, Алекс Фергусон, тие се грижат за хуманиот дел од играчот – вели тој. Има еден тренд што не му се допаѓа на Венгер, а тоа е колку пари заработуваат младите играчи рано во кариерата. – Порано беше на околу 30, потоа на 25, сега на 22 години. Сега шпекулациите и огромните суми пари се однесуваат на играчи што можеби ќе бидат добри играчи еден ден. Фудбалот е на опасен терен – објаснува Венгер. Венгер се најде на насловните страници во медиумите последниве недели со контроверзниот план за СП на секои две години. Неговата мотивација, инсистира токму тоа: „целиот“ свет да има корист од фудбалот. – Пораснав во село во Алзас, во источна Франција, каде што немав тренер до 19-годишна возраст. Потоа работев со многу луѓе што дојдоа од Африка и имаа малку можности за успех. Лично сметам дека секој талент заслужува шанса во животот, но, за жал, денеска не е така. Ако сте родени со ист талент, но сте родени во Јаунде, Лондон или во Ханој, немате иста шанса да станете одличен фудбалер – вели Венгер.
Секој ден е организиран околу фудбалот
Во една пригода Венгер изјави: „Фудбалот има одговорност во светот“. Дали сѐ уште го чувствува тоа? – Верувам во тоа повеќе од кога било. Во мојот живот фудбалот секој ден е сѐ поважен и би рекол дека тој има светска одговорност. Може да направи многу за светот и време е да се соочиме со тоа. Мојот живот секогаш е диктиран од фудбалот, секој ден ми е организиран околу него. Станувам наутро и гледам кои мечеви се играат тој ден, а потоа си го организирам животот за да можам да го гледам дуелот. Го знам интензитетот на мојата желба и страст и не можам да објаснам зошто. Тоа, секако, мора да се поврзе со моето детство. Пораснав во мал паб (неговите родители поседуваа бар н.з.), каде што беше седиштето на локалниот фудбалски клуб и од каде што потекнувам. Кога пораснав, мојот свет беше моето село, а играчите беа моите херои – објаснува Венгер.
Comments