Морезмо со охрабрувачка изјава: Ништо не му стои на патот на Ѓоковиќ
- Aleksandar Santovski
- Mar 16, 2022
- 1 min read
Амели Морезмо минатата година беше назначена за нова директорка на Ролан Гарос и оваа функција ќе ја извршува до 2024-та година, а во пресрет на новото издание на тенискиот грен слем во Франција, денеска се најде во центарот на вниманието со изјавата за Новак Ѓоковиќ.
Поранешната најдобра тенисерка во светот е исклучително ценета во родната Франција и поради тоа доби задача да биде претставник на Френч Опен, турнир кој повеќе од веројатно годинава ќе биде бранет од човекот кој ја освои титулата минатата сезона.
Новак Ѓоковиќ беше оневозможен да ја брани титулата во Австралија поради својот вакцинален статус кој и натаму е непроменет, но кој нема да му донесе проблеми во Париз како што тоа беше случај во Мелбурн.
– Со оглед на тоа како стојат работите во овој момент, ништо не му стои на патот на Новак Ѓоковиќ да учествува на Ролан Гарос оваа година, – изјави Амели Морезмо.
Ролан Гарос оваа година е закажан и предвиден за периодот од 22-ри мај до 5-ти јуни, а од претходно е најавено дека прв голем турнир на Ноле оваа сезона ќе биде Мастерсот во Монте Карло.

Comments