Монументалниот Скопски аквадукт конечно се реставрира -започна првата фаза
Updated: Sep 3, 2021
02.09.2021 Septemvri Cetvrtok
Скопскиот аквадукт, ремек-делото на старите градители, кој делумно беше уништен од забот на времето, но и од несовесните граѓани, конечно ќе биде заштитен. Министерката за култура Ирена Стефоска го најави стартот на првата фаза од конзервација и реставрација на објектот.
„Од октомври до денес сите институции интензивно работеа на завршување на потребните процедури и почнување на постапката за избор на фирма која ќе ги изведува активностите. Сега и официјално започнува конзервација на овој монумент. Скопскиот Аквадукт е еден од последните на Балканот кој е сочуван во целина… Неодамна, Владата донесе одлука за прогласување на Аквадуктот за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење поради тоа што овој величествен споменик поседува вредности, не само од големо национално значење, туку тој му припаѓа и на човештвото . Тоа овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла. Заштита на архитектурата и на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот “, истакна меѓу другото Стефоска на вчерашната прес-конференција.
Директорот на Управата за заштита на културно наследство Ацо Костов, пак, посочи дека во 2011 година е правен стратешки план за зачувување и рехабилитација на Аквадуктот во Скопје и неговата околина.
„Го правеа колегите од Конзерваторскиот центар Скопје и направена е добра анализа на целата состојба околу неговата местоположба, неговото значење, врските и сообраќајот, како и тековните урбанистичките планови во кои требаше да биде инкорпориран. Сега ги започнуваме работата од базната нулта позиција, да се зачува физичката состојба на Аквадуктот. Ова е обемна и скапа работа која ќе бара подолг период, а ќе се работи на повеќе сегменти со инволвирање на повеќе стручни лица од различни области“, посочува Костов. Коле Чапкановски, директорот на Конзерваторскиот центар Скопје, установа која е носител на проектот, пак, истакна дека ваков монумент единствен на Балканот заслужуваше повеќе внимание.
„Започнуваме со активностите околу дренажниот канал. Водите кои некогаш биле тука во изобилие ќе бидат насочувани во блискиот канал. Следна постапка е стабилизација и зајакнување на столбовите, што ќе изискува многу финансии… “, посочува Чапкановски
Чапкаровски, сепак, не можеше да каже со која динамика ќе се одвиваат работите на Аквадуктот, но беше потенцирано дека ќе се изврши со најбрзо можно темпо. (Д.Т.)



Comments