top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Монографија по повод седум децениското постоење на манифестацијата „Прличеви беседи“

Во рамки на одбележувањето на јубилејот 70 години од одржувањето на манифестацијата „Прличеви беседи“, од печат излезе монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ (1952 – 2022) од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска.

Автори на монографијата со која се одбележува седум децениското опстојување на манифестација „Прличеви беседи“ за основа на своето дело ја имаат првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година

„Ние, како автори продолживме таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од ‘Прличевите беседи’ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев“, појаснуваат авторите на текстот.

Концепциски монографијата е збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од наши и странски писатели и поети, со нови факти и нешта кои до денеска не сме доволно познати или не биле соодветно разјаснети.

Според Јованоски и Змејковска, монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев.

Издавањето на книгата финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид, а ќе биде промовирана на јубилејните „Прличеви беседи“ што традиционално се одржуваат на почетокот на февруари.


3 views

Comments


bottom of page