Монографија во чест на г.г. Доситеј, возобновител и прв архиепископ на МПЦ-Охридска aрхиепископија
„Возобновителот“ е наслов на монографијата во чест на архиепископот охридски и македонски г.г. Доситеј, кој успеа да ги оствари вековните копнежи на македонскиот народ за обнова на Охридската архиепископија и за конечно добивање на своја независна автокефална црква.
Ова капитално дело е издание на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а во соработка со Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“.
„Обновата на тронот на Св. Климент по години туѓи црковни јуриздикции, како и враќањето на македонската црковна самостојност, доаѓа во налетот на македонската национална ослободителна борба за државност и самостојност, која по Втората светска војна ја доживува својата кулминација. Инаку, според биографските податоци, архиепископ охридски и македонски г.г. Доситеј е роден во Маврово, на 7 декември 1906 година. Тој е возобновител и прв архиепископ охридски и македонски на Македонска православна црква-Охридска aрхиепископија, а се смета и како наследник на Арсениј Втори, кој бил последен архиепископ на укинатата Охридска aрхиепископија во 1767 година. На вториот црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ. Под негово раководство бил свикан Третиот црковно-народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за автокефална“, вели меѓудругото директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, во воведот на монографијата.
Монографијата е отпечатена по повод големите јубилеи посветени на животот и делото на архиепископот г.г. Доситеј – 115 години од неговото раѓање (1906-2021) и 40 години од неговото упокојување (1981-2021).
На 420 страници, во тврд повез, е вграден трудот на вработените во КОВЗРГ, особено на дипломираниот теолог Петар Петковски, потоа на професорите од ПБФ „Свети Климент Охридски“, како и на други просветни работници.
Содржина опфаќа библиографски податоци, избор на дел од позначајните слова на архиепископот Доситеј (беседи, говори и интервјуа), репортажи за позначајните цркви и манастири во кои живеел и работел архиепископот Доситеј, потоа зборник на трудови за неговата улогата и важност, спомени и сеќавања од неговите соработници и познаници, значаен фотоматеријал, позначајни архивски документи, слики од оставштината на архиепископот, како и поезија посветена во негова чест.
Архиепископот Доситеј е роден со крстеното име Димитар Стојковски, како четврто дете од осумте деца на Лазар и Софија. Израснал под планината на Бистра. Целиот свој живот го посветил на службата на црквата. Богословија започнал да учи во Сремски Карловци во 1922 година, а се замонашил во 1924 година, на 17 години, во „Св. Богородица Пречиста“, Кичевско.
Comments