top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Монашкиот хор на Бигорскиот манастир го негува визнатиското пеење

Верни продолжувачи на традицијата

Верниците и посетителите што присуствуваат на божествените литургии во црквата „Св. Јован Крстител“ и на културните манифестации што се одржуваат во големата сала за свечености во Бигорскиот манастир, со воодушевување и восхит духовно се насладуваат и уживаат во милозвучните гласови на хористите од хорот на Бигорската обител. Така беше и на неодамнешната промоција на монографијата „Духовните светилишта на Гостиварското архијерејско намесништво“, која се одржа во големата сала за свечености. Монашкиот хор на Бигорскиот манастир со духовни песнопенија на источното православно (византиско) црковно пеење ги отпеа: Тропар на Вознесението Христово, Тропар на Св. Јован Крстител, Првата и Третата песна од Канонот на усекновение и Богородичен догматик на глас прво „Всемирнују славу“. Монашкото братство во Бигорсккиот манастир, кое беше укинато во далечната 1948 година, се обнови во 1995 година. Обновител беше тогаш младиот и амбициозен игумен, а сега неговото преосвештенство епископот антаниски г. Партениј, кој важи за возобновител на источното православно црковно пеење во Македонија, со тоа што започна да го оформува монашкиот хор. Имено, стекнатото искуство на Света Гора Атонска, игуменот Партениј успешно го пренесува и на македонската почва, каде што традицијата за ова пеење била прекината по Балканските војни. Владиката г. Партениј, освен што ја понесе на своите плеќи огромната тежина за духовно и материјално обновување на речиси запустениот манастир, истовремено го започна и мошне значајното дело за обнова на дневниот богослужбен ред, со исполнување на поредокот на богослуженијата, во согласност со светогорскиот типик, како и обновата на црковното пеење на начин на кој пееле нашите предци со векови. Следствено, црковната музика стана секојдневна грижа на монасите, секое утро и секоја вечер. Како што се зголемуваше братството со нови монаси, така бигорскиот старец г. Партениј ги обучуваше новите браќа во исконското православно пеење. Но неговиот подвиг не запре тука. Освен монасите, тој се погрижи и други да го научат овој специфичен израз за славословење на бога, па, така, по негова иницијатива и со негови заложби и спомагателства повеќе млади луѓе беа испратени на систематско изучување на византиското пеење во најзначајните центри за оваа уметност Солун и Атина, каде што се стекнаа со лиценци за професионални предавачи по источно православно црковно пеење. Тоа придонесе да се збогати монашкиот хор при Бигорскиот манастир со поголемо знаење и професионализам, но и да се прошири византиското пеење и надвор од манастирот, односно во градските цркви, а и да се формираат повеќе хорови низ цела Македонија.

Денес монашкиот хор на Бигорскиот манастир важи за најценетиот хор по источно православно црковно пеење во Македонија, а досега, освен на секојдневните богослужби во манастирот, тој настапува на многу црковни свечености и настани во земјата и во странство. Меѓу најзначајните негови настапи се вбројуваат настапот по повод илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија во „Света Софија“ во Охрид во 2018 година; настапот по повод празникот на светите браќа Кирил и Методиј во Скопје, во Велехрад (Чешка) и Нитра (Словачка) во 2021 година, повеќе настапи и учество на меѓународни фестивали во Солун и Атина, од кои многу значаен е настапот на 3 декември 2021 лето господово во атинскиот соборен храм посветен на светото благовештение на Пресвета Богородица, кога претседателот на здружението на псалти во целата атичка област, сега веќе покојниот протопсалт Илијас Редијадис Тумбас му врачи награда и почесен медал на епископот г. Партениј за неговата заслуга за возобновата на источното православно (византиско) црковно пеење во Македонија.


1 view

Comments


bottom of page