МОК и македонскиот спорт ќе бидат уште повеќе поддржани од ИОК
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ, ТОМАС БАХ, ВО МАКЕДОНИЈА
Скопје беше домаќин на претседателот на ИОК, Томас Бах, и на 51-то Генерално собрание на Европските олимписки комитети
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, и претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, по повод 30-годишнината од основањето на Македонскиот олимписки комитет и 51-то Генерално собрание на Европските олимписки комитети (ЕОК), остварија работна средба во Скопје, на која беа договорени многу нови проекти за МОК, пишува во соопштението на МОК.
Во исто време, претседателот Бах ја отвори Лабораторијата на МОК за постигнување врвни спортски резултати, која е создадена да го следи психофизичкиот развој на најдобрите македонски спортисти, но и да го унапреди истиот тој, како и да ги дијагностицира и менаџира однапред сите можни спортски повреди.
Бах на претседателот на МОК, Димевски, му ја врачи престижната награда – ИОК трофеј „Олимписка куќа“. Бах и Димевски, заедно со претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос, оствари средба и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, на која се разговараше за многу проекти од заеднички интерес, а притоа Бах уште еднаш ја истакна својата одушевеност од работата на МОК и вети дека МОК и македонскиот спорт ќе бидат уште повеќе поддржани од страна на ИОК, информираат од МОК.
Со над 600 учесници преку демонстрација на десетина олимписки спортови, Бах се дружеше со младите спортисти од општината Бутел, како и со учениците од основните општински училишта во повеќе спортови. Покрај традиционален пречек, преку фудбал, кошарка, одбојка, таеквондо, борење, карате, ракомет, беше организиран првиот олимпискиот ден во оваа општина.
– Општина Бутел со оваа посета добива признание за најолимписка и најспортска општина во Република Македонија. Олимписките игри се сон на секој спортист, како Општина Бутел ќе дадеме максимум што повеќе спортисти да станат олимпијци за да ја почувствуваат најголемата магија во светот. Ми беше особена чест да го пречекам Бах, првиот човек на олимпизмот, и морам да истакнам посебно задоволство што тој денес на посебен начин се дружеше со нашите млади спортисти – изјави градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој наедно е и тренер на македонскиот таеквондист и освојувач на сребрен медал на Летните олимписки игри во Токио минатата година, Дејан Георгиевски, кој, пак лично оствари средба со Бах.
Comments