Можат ли „рисовите“ уште еднаш да ја фрлат Италија во очај?
Фудбалската репрезентација на Македонија ѝ гостува на Италија во претпоследното коло од квалификацискиот циклус за Европското првенство. Нашиот национален тим со поразот од Украина во Прага остана без шанси за пласман на завршниот турнир, меѓутоа во последните две рунди има мотиви да се докажува и надигрува со великаните во групата.
Италија е добро познат противник за четата предводена од Благоја Милевски. Во септември во Скопје нашите репрезентативци успеаја да го изненадат фаворитот и со голот на Енис Барди од слободен удар извлекоа реми. Претходно уште еднаш против Македонија стрелаше Чиро Имобиле, еден од играчите кои беше дел од тимот и во 2017 година кога последен пат игравме меѓусебе во квалификациски циклус. Сепак, капитенот на Македонија со ефектен гол успеа го „поништи“ водството на фаворизираната Италија и донесе бод кој тогаш ги остави работите отворени.
Македонија не е во добро сеќавање за Италијанците, особено поради бараж дуелот за пласман на Светското првенство. Тогаш во Палермо, Италија напаѓаше и промашуваше шанси, а казната стигна во видот на победоносен гол на херојот Александар Трајковски. Македонскиот напаѓач со удар од преку 25 метри го матира Џанлуиџи Донарума, донесе огромна радост за целата земја, а од друга страна ги фрли во очај „аѕурите“. Јавноста во Италија тогаш масовно ги критикуваше своите репрезентативци, додека Македонија се подготвуваше за меч со Португалците (кој за жал го загуби). Ниту во септември не им беше сеедно на Италијанците пред дуелот со нашиот национален состав, а добро се виде и зошто е тоа така на самиот терен. Избраниците на Милевски по ужасниот јунски циклус во кој загубија од Украина (2-3, а водеа 2-0) и тешкиот пораз од Англија во Манчестер (0-7), реагираа на вистински начин. Репрезентативците се кренаа, ја победија Малта и ремизираа против Италија, но во октомври ги загубија шансите за ново Европско првенство.
Од друга страна, бодовите за Италија се од круцијална важност, бидејќи со евентуална победа би се израмниле со Украина на по 13 бода пред меѓусебниот дуел во последната рунда. Одново „аѕурите“ се апсолутан фаворит за победата, меѓутоа поради целокупниот притисок можеби не е преоптимистично Македонија да постигне барем гол.
Comments