Модриќ испиша историја во скромниот меч на Хрватска: Сакавме да отвориме со победа (Фото)
Хрватска со статус на актуелен светски вицешампион го отвори своето патешествие на мундијалот во Катар, но стартот на „коцкестите“ не беше оној посакуваниот.
Мароко се покажа како навистина зрел и тежок противник и Хрватите не успеаја да го скршат отпорот, па на крајот почетните 0:0 се покажаа како конечен резултат на оваа средба.
Освениот бод не е она што го посакуваа Хрватите, но капитенот Лука Модриќ смета дека ова е добра појдовна точка и дека тимот ќе биде подобар на следните два меча против Канада и Белгија.
– Навистина тежок натпревар за нас, особено првото полувреме. Почнавме да играме добро на крајот на првиот дел. Штета што не постигнавме гол од некоја од приликите. Првиот бод е тука и одиме понатаму чекор по чекор. Сакавме да го отвориме турнирот со победа, но не успеавме. Верувам дека сега ќе биде полесно за играње на следните два меча, – изјави Модриќ.
Инаку, капитенот испиша историја со самиот настап на натпреварот против Мароко, бидејќи стана првиот играч во историјата кој во три различни декади настапи на едно Европско и Светско првенство.
Comments