МНТ со „Народен непријател“ на „Борини позоришни дани”
Претставата ќе се одигра на 25 октомври, на сцената „Бора Станковиќ”, во Врање. Овогодишната фестивалска програма ќе трае од 21 до 28 октомври под слоганот „Театарот во трауматизираното општество”, а ќе учествуваат и театарските куќи од Р Србија, Р Хрватска и Р Романија
На овогодишниот 43. Интернационален театарски фестивал „Борини позоришни дани”, по покана на селекторот на фестивалот Слободан Савиќ (театарски критичар и уредник на РТС), во официјалната програма од селектирани 70 претстави, одбрана е претставата „Народен непријател” по текст на Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ и во изведба на ансамблот на Македонскиот народен театар.
Претставата ќе се одигра на 25 октомври на сцената „Бора Станковиќ” во Врање. Овогодишната фестивалска програма ќе трае од 21 до 28 октомври под слоганот „Театарот во трауматизираното општество”, а ќе учествуваат и театарските куќи од Р Србија, Р Хрватска и Р Романија, при што директорот на театарот истакна дека од година на година се зголемува бројот на угледни претстави кои доаѓаат во Врање, а годинава тоа е посебен предизвик, бидејќи има и претстави од регионот, што не било случај досега кога се во прашање „Борини позоришни дани”.
Во претставата играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Григор Јовановски.
„Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман. Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сè, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува — преку исклучувањето на доктор Стокман од заедницата, Ибзен вешто го разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички…“, меѓу другото вели за претставата драматургот Тамара Барачков.
Comments