Младите македонски писателки носат нова книжевна пролет
Некои согледувања од трибината на Институтот за литература
Центарот за култура и културолошки студии во Институтот за македонска литература организира трибина со наслов „Новиот прозен (женски) книжевен бран: жената и градот“, на која учествуваа книжевни теоретичари и критичари и авторки. Целта беше да се согледа „големата слика“ што ја продуцираат творештвото и животниот стил на овие наши млади писателки преку излагањата на Лорета Георгиевска-Јаковлева, Наташа Аврамовска, Мишел Павловски, Фросина Пармаковска, Ана Мартиноска, Емил Ниами, Симона Јовановска, Билјана Рајчинова и Ана Јовковска. – Како и да се мисли, колку и да се различни ставовите, на македонската книжевна сцена се случува едно ново време, или како што во антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветрот носи убаво време“ ќе констатираат приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антовски, се „најавува нова македонска книжевна пролет“. За таа нова книжевна пролет, во голем дел придонесува и видливоста на македонските млади писателки, како со естетските квалитети што ги носат така и со популарноста што ја стекнуваат. На ваквата констатација или теза, која низ книжевната критика за одделни дела и авторки веќе е аргументирана, ретко кој може нешто да ѝ забележи. Сепак, се чини дека малку е пишувано за процесите што ја следат, па моето излагање ќе биде во таа насока – рече Георгиевска-Јаковлева. Таа посочува на авторките што вака или онака ги означија граничните состојби и новите почетоци. – Првите знаци на посериозната промена во третманот, а ако сакате и во читаноста на авторките на генерален план, ја лоцирам со појавата на две имиња – Јадранка Владова и Оливера Ќорвезировска, наследнички на две важни македонски книжевни традиции, првата потпрена на она што може да се нарече чувствување на Градот, негувано од Влада Урошевиќ, сега всидрено во женските интереси и практики и втората потпрена на раскошните техники на креирање автентични книжевни светови на Петре Андреевски и всидреноста во урбаниот простор на Димитар Солев. Откако теренот беше подготвен, појавата на Лидија Димковска и нејзината „Скриена камера“ можеше и мораше да се случи. Означен како настан во македонската книжевност, тој стекна огромна популарност меѓу разнородни читатели и како да означуваше роман-меѓник на процесот во кој публиката веќе не се дели на онаа стручна, елитна, со софистициран вкус и онаа именувана како масовни консументи на т.н., „лесни приказни“. Со тоа конечно се менува веќе започнатиот процес на односот кон т.н. „женски теми“, кој директно ќе се спротивстави на доминантните практики со кои, како што вели Луј Алтисер, само мажите можеа да бидат означени како значајни за книжевниот развој во Европа. Постојните етикети за т.н. „женски теми“ и жените автори, како авторки на т.н. тривијални жанрови (премногу емотивност без рационалност, лесна препознатливост и лесна идентификација, шематизирана композиција, лесен и брзо достапен јазик без длабочина, неважни теми и т.н.), се надминуваат, а дел од авторките ја тематизираат таа „тривијалност“ и ги иронизираат востановените, општествени естетски и вонестетски норми и, со суверена теориска информираност и со виртуозното раскажување, креираат нов книжевен свет, неодминлив и привлечен колку за книжевните истражувања, толку и за читателската публика – вели Георгиевска-Јаковлева. Таа ги споменува и Ирена Јорданова, Калина Малеска, Фросина Пармаковска, Симона Јованоска, Николина Андова-Шопова и заклучува дека судејќи по бројот на читатели и настани врзани за книжевноста, потоа бројот на нови остварувања, начинот на кој тие се презентираат и начинот на кој се организира книжевниот живот, можеме да кажеме дека токму оваа млада генерација го обезбеди животот на книжевното дело на подолг период.
Според Ана Мартиноска, која зборуваше на темата за жените и канонот, од времето кога почнала да пишува на оваа тема пред петнаесетина години до денес, конечно сведочиме и можеме да зборуваме за некои исчекори на ова поле. Таа започнува со еден од најсвежите примери за односот на канонот и жените, имено, фактот дека сите наградени автори на Конкурсот на „Нова Македонија“ годинава се женски, потенцирајќи го тука факторот на анонимност како клучен. – Зар мислите дека на конкурс што не е анонимен има шанса да им доделат шест награди на шест жени? Во превртен родов дисбаланс, поверојатно е дека ќе додадеа двајца-тројца мажи заради баланс. И не само кај нас. Примерите со Нобеловата или Пулицеровата награда на пр. исто така покажуваат родов јаз, кој, сепак, покажува извесна нагорна линија во последнава декада… Пред пет години објавив еден текст на оваа тема во кој се обидов со броење на добитничките на позначајните книжевни награди во нашата земја да прозборувам за авторитетот на авторките. Првичната анализа покажа дека до 2000 година жените не се повеќе од 25 отсто од добитниците на која било од престижните литературни награди во нашата земја, што е сосема споредливо со светските искуства, со исклучок на наградата на „Нова Македонија“, која е анонимна при изборот, што веројатно придонесува таа за голем процент да го надминува просекот (41 отсто). Тоа ни даде право да се посомневаме во родовото слепило и непристрасност на комисиите, затоа што сигурни сме дека постојат авторки чии дела ги достигнале естетските стандарди на мажите и заслужуваат големи награди, но веројатно „биле оценувани од предоминантно машкиот естаблишмент, заради што не влегле во канонот“ (Котеска). За среќа, последниве години постои напредок по ова прашање и кај наградата „Роман на годината“, на пр., која во годините 2001-2021 ја добија седум жени, од кои Оливера Николова двапати (2004 и 2019), а потоа уште Кица Колбе (2006), Јагода Михајловска (2008), Снежана Младеновска Анѓелков (2011), Фросина Пармаковска (2017), Николина Андова Шопова (2018) и Симона Јовановска (2021). Покрај процентуалното зголемување на бројот на добитнички на 38 отсто, значајно е и што меѓу нив има припаднички на т.н. помлада генерација, па дури и такви што наградата ја добија за свои дебитантски остварувања, што, секако, говори во прилог на тезата за некои подобри ветришта и некакви генерални промени во еманципирачка и родово сензитивна смисла, кои се надеваме дека не се само тренд, туку и трајна заложба – вели Мартиновска. Таа порачува, сите заедно, издавачи, критичари, антологичари, читатели, поединци ентузијасти, но и писателски, академски и други институции, кои се носители на книжевниот живот во земјата, што поскоро да се зафатат со сериозни проекти за формирање родово неселективен канон преку откривање на заборавените авторки и превреднување на обезвреднуваните меѓу нив.
– Неопходни се нови читања и преоценка на целото женско писмо во Македонија од родова перспектива и исправање на долгите неправди од женското исклучување од доминантно машкиот канон на македонската книжевна архива – вели Мартиновска. Според Ана Јовковска, женското писмо во современа Македонија го доживува својот подем. Таа во фокус ја има прозата на Калина Малеска и на Румена Бужаровска. – Конечно, битките за родовата еднаквост се многубројни и тие се водат низ разни културно-уметнички практики, по разни книжевни и медиумски канали, низ лични трансформации и низ колективна промена на менталитетот, како и низ системските решенија спроведени од институциите и од законските регулативи. Токму затоа, прозата на Калина Малеска и на Румена Бужаровска слободно може да ја дефинираме и како книжевен активизам што иницира критичко промислување на родовата нееднаквост и дава идеи за подобро родовоодговорно општество – вели Јовковска. Според Билјана Рајчинова, која направи анализа преку романот „Помеѓу“ од Ирена Јорданова, урбаната проза што полемизира со скопското секојдневие, која, како што вели, заслужува внимание и ветува со својата култура на изразот и со богатството на раскажувачка техника. – Пред нас се одмотува еден реален свет на млади луѓе преку кој ја осознаваме скопската сурова стварност виден преку скопските ќор-сокаци на љубовта, нагонот, копнежот и насилството, преку дневниот и ноќниот ритам на градот, чија структурна содржина во прв ред се сексот… развратот, неморалот, кои укажуваат на целосно разнишаните вредности, како и преку скопските секојдневни урбани реквизити – алкохолот, дрогата, кои водат кон лабилни индивидуални идентитети со еден збор – ја осознаваме нималку благата или оптимистичка слика на културата на безумието на младите и сликата на урбано Скопје како град на суровата сегашна стварност, на целосно разнишани вредности и на лабилни идентитети – вели Рајчинова. В.Д.
Comentarios