top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Младите доаѓаат“ – концерт со диригентот Дијана Илкоска-Имери во Филхармонија

Оркестарот на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Младите доаѓаат“ на кој ќе настапат ученици од државните музички училишта. Диригент е Дијана Илкоска-Имери, а на програмата се дела од: А. Крепин, В. Пихл, Ф. А. Хофмајстер, В. А. Моцарт, Џ. Росини, Х. Виењавски, Д. Мијо, Е. Лало и С. Прокофјев. Како солисти ќе настапат: Ѓорѓи Димовски – саксофон, Итан Георгиев – контрабас, Леона Кондратенко – виола, Јаков Ангелов – виолина, Наум Палоски – кларинет, Симеон Гошев – виолина, Григори Ангелов – саксофон, Магдалена Дрмач – виолончело и Гоце Златев – пијано.

Дијана Имери-Илкоска (1988) се вбројува во најнадежните македонски диригенти. Своето образование го има стекнато на Факултетот за музичка уметност – Скопје, каде што дипломирала во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка теорија и педагогија во 2011 г.), а магистрирала во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови, интензивно има работено како асистент на маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а има забележано настапи на повеќе престижни подиуми, меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско лето, со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Како студент, ја остварила својата прва соработка со Македонската филхармонија. Носител е на бројни награди во повеќе дисциплини. Имери-Илкоска ја продолжува соработката со Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, бугарскиот Национален радио-симфониски оркестар и хор и Дубровничкиот симфониски оркестар.


4 views

Comments


bottom of page