Младинците Ѓурчиновски и Димовски играа на ЕП во Словенија
Билијард федерацијата од Македонија испрати двајца играчи да учествуваат на Европското младинско првенство што од 19 до 26 јули 2023 година се одржа во Словенија, благодарение на поддршката од Агенцијата за млади и спорт.
Меѓу 117 учесници од 28 земји беа и нашиот младински првак Андреј Ѓурчиновски (13 години) и Илија Димовски (15 години). Учесниците беа поделени во 2 старосни категории, до 17 и до 19 години, а натпреварите се одржаа во Потчетртек,
За Андреј Ѓурчиновски од „Гран клуб“ Скопје, ова беше втор настап на европските младински првенства по ланското деби, додека Илија Димовски од битолскиот клуб „Лонгони“ за прв пат играше на еден ваков континентален собир, а воедно беше и наш знаменосец.
Се играа четири десциплини, а нашите претставници ги играа сите мечеви во конкуренција до 17 години.
Во дисциплината „14.1“ – Андреј со три победи и влезе меѓу последните 16, каде што беше поразен и се најде на делба на 9 место, додека Илија имаше тешка ждрепка и загуби од многу посилни играчи.
Во дисциплината „10“, две победи и два порази стигна до делба на 17 место, а исто така и Илија со две победи и два порази, го имаше истиот пласман.
Во дисциплината „8“ – Андреј со три победи и еден пораз стигна до делба на 9 место (при што му нанесе пораз на фаворитот) Валтер Лаикра (Шведска), кој на ова првенство имаше 2 медали во другите дисциплини. Илија со една победа и два порази беше на делба на 33 место.
Во најпопуларната дисциплина „9“, Андреј повторно со три победи и еден пораз дојде до делба на 9 место, додека Илија не успеа да направи изненадување против повозрасните и поискусни противници.
Имајќи предвид дека Андреј има само 13 години, неговиот напредок е забележителен: лани најдобар пласман делба на 17 место во една дисциплина, а сега 3 пати на 9 место. Вкупно 11 победи и 6 порази, со што неофицијално влегува во групата на први 15 играчи (кои имаа над 10 победи на овој турнир). Илија исто така е помлад и со 15 години има простор да се развие како играч и да стекне искуство што ќе му даде самодоверба за во иднина.
Сите освојувачи на злато се во старосни граници околу 16 години и имаат подолго искуство во меѓународните настапи, за разлика од нашите кои лани прв пат се појавија во Бугарија, а сега беа двајца во Словенија. Ѕвезда на турнирот беше Феликс Вогел, кој освои поединчно две злата и едно сребро, плус злато со Германија во екипна конкуренција.
Билијард федерацијата на Македонија ја истакнува добрата организација, најверојатно Словенија и следната година повторно ќе биде домаќин на ова натпреварување. На европско ниво, исто така се забележува очигледна афирмација и напредок, жребот за најдобри 64 е исполнет.
Comments