top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Младинскиот културен центар со низа настани денеска одбележува 50 години постоење

Со повеќе музички настапи, како и со филмска и поетска програма, Младинскиот културен центар денеска ќе одбележи 50 години постоење. ЈУ Младински културен центар или тогашен Дом на млади „25 Мај” е основан далечната 1972 година, додека вратите на институцијата се отворени токму на 28. декември на пладне.

Во детско-едукативната програма се предвидени креативна новогодишна работилница за деца со посебни образовни потреби, „ДКЦ танцува“ – работилница од танцовото студио на ДКЦ со Тереза Лазарев за деца од 4-7 години и за деца од 7-10 години која ќе започне во 13,30 часот. Во 17 часот ќе се отвори завршната изложба на Ликовното студио при ДКЦ, по што ќе следува „Art & craft“ работилница со уметниците Драш и Мачка. За во 18,30 часот е најавен настапот на инклузивниот ансамбл на Колектив Ветерница и здружението „Трисомија 21“. Во 19 часот ќе започне и „ЏИНче“ – театарска претстава за деца со сенки… и еден Џин.

Во рамки на филмската програма ќе се прикажат филмови кои се селекција од претходно прикажани фестивалски селекции, а програмата ќе започне во 15 часот во „Џебно кино“. Публиката ќе може да погледне филмови од селекцијата на „Џифони“, „ЕХО“- фестивал на планински филм, „Скопје филм фестивал“, „Македокс“ – фестивал на креативен документарен филм, „Киненова“ – меѓународен филмски фестивал, „Филозофски филмски фестивал“, „Флипбук“.

Ликовната програма, пак, ќе започне во 19 часот во чии рамки ќе има два перформанси во живо – „Го цртаме МКЦ“ со Воскресија Андреевска, Ертунч Сали, Бранкица Јордановска, Сања Симоска, Амир Карахасан, Филис Синаноска и „Птици“ на Мирослав Масин. Истовремено, ќе се одвиваат и две ретроспективни изложби, една на МКЦ постери и на уметнички дела изложени во „Галерија МКЦ“.

Литературната програма ќе започне во 18,30 часот со промоцијата на книгата „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски, по што ќе следува „Поетска епизода 3“ – настан модериран од Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска. Во 20,30 часот, во МКЦ клуб, Ана Стојаноска, Калиа Димитрова, Дамјан Златановски, Љубица Шопова и Биљана Стојановска ќе читаат поезија посветена на почетоците, краевите и промените, како карактеристични поими кои ја одбележале 2022. Истовремено ќе се одвива и „фристајл“ битката помеѓу поети и рапери, а на вжештениот микрофон ќе настапат Ана Голејшка Џикова, Владимир Лукаш, Андреј Ал-Асади, Кацар, Мартин Милев и С.А.М на битови од Druggy и „Битрикс Кру“.

Од 21 часот ќе започнат музичките настапи на „Бадмингтонс“, „Санаториум“, „Чиста околина“, „Дина Јашари и другари“, „Суперхикс“, „21 век“ во кои публиката ќе може да ужива во салата 25 Мај. Во клуб МКЦ од 22 часот до 03 часот по полноќ предвидени се диџеј настапи на „Soul Case“, „Nastasya Kish“, Вишко, Зоки Бејбе, Илина Ангеловска, Васо, Боле, Бодан Јамаковски, Мирко Попов и Бушава азбука. Во горното фоаје од 19 до 21 и 15 часот ќе настапат диџеите Бојан Чакра, Кунгфулиш, Марсо и Шурбе, а во денсинг салата по завршување на концертите, во еден и пол часот по полноќ ќе настапат Гоце и Чваре.


0 views

Comentarios


bottom of page