top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

МКЦ ЗА СКОПЈЕ 2023 26/07/2023 60 ГОДИНИ ОД СКОПСКИОТ КАТАСТРОФАЛЕН ЗЕМЈОТРЕС.

60 ГОДИНИ ОД СКОПСКИОТ КАТАСТРОФАЛЕН ЗЕМЈОТРЕС. ‘МКЦ ЗА СКОПЈЕ’ Е НАСТАН ШТО НЀ ПОТСЕТУВА НА СОЛИДАРНОСТА НА СКОПЈАНИ, НА СОЛИДАРНОСТА КОН СКОПЈЕ, НА ИНТЕНЗИВНОСТА, ОБЕДИНЕТОСТА И ХУМАНОСТА НА ЛУЃЕТО. САМАТА ИНСТИТУЦИЈА (МКЦ/ДОМ НА МЛАДИ ’25 МАЈ’) Е ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ ЗА ВОЗОБНОВА НА ГРАДОТ, КАКО ДОНАЦИЈА ОД ТОГАШНИТЕ НАРОДИ НА АЛЖИР И СОВЕТСКИОТ СОЈУЗ. СО ТОА, ЈУ МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ЧУВСТВУВА ДОЛЖНОСТ И ПОТРЕБА ОД ПОТЕНЦИРАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА СВЕТСКАТА СОЛИДАРНОСТ

КОН СКОПЈЕ, СО ШТО ГРАДОТ ПОВТОРНО ДОБИ НОВА ШАНСА ДА СТАНЕ КУЛТУРНА И ХУМАНА МЕТРОПОЛ

Програма

18:00 – парк МКЦ

„МОЕТО СКОПЈЕ: ИЛУСТРИРАЈЌИ ГО ГРАДОТ ОД СОНИШТАТА“ Детска ликовна работилница

Работилницата е наменета за деца од 6-11 години и истата ќе се одржува под менторство на ликовниот уметник и соработник на Детскиот креативен центар – Доротеј Нешовски. Оваа работилница има за цел да обезбеди креативна платформа за децата да ја изразат својата љубов кон Скопје и да го замислат градот од своите соништа. Преку цртање и сликање ќе истражиме различни аспекти на Скопје, кои го прават посебно и единствено. Уметничките дела создадени за време на работилницата ќе бидат прикажани на мини-изложба за време на настанот, славејќи ја имагинацијата на децата и нивната поврзаност со градот.

20:00 – галерија МКЦ ПОПАТНИ ОДБЛЕСОЦИ Изложба на фотографии од Ристо Костовски

Фотографиите на Ристо Костовски ги разоткриваат оние сложени устројства на сличности и совпаѓања помеѓу одживеаното минато и доживеаната сегашност на урбаното живеење. Она, пак, што е одвај видливо, а недвосмислено очигледно е тематизираната теза на авторот и на неговата изложба. Имено, Скопје 1963 е историска причина за Скопје 2014 како политичка последица. Костовски ја ползува токму оваа врска при драматизирањето на врската меѓу сликата и зборот – со изворна, самосвојна вдахновеност, со ненаметлива, а строга техничка дисциплина, со деликатна раскажувачка постапка. Накусо, оваа изложба на Ристо Костовски ја потврдува неговата творечка посветеност на поводите за заедничко сеќавање и на сопствената причина за творечки ангажман.

Изложбата е организирана во рамките на МКЦ Скопје, а е реализирана со материјална поддршка на МКАР и Дата Висион.

Ристо Костовски роден во Скопје во 1954 година, по професија инжењер по телекомуникации, активно се занимава со фотографија повеќе од 20 години од кои последните 5 години го следи жанрот на така наречена улична фотографија. Ова е негова трета самостојна изложба.

галерија 2

БЕТОНСКО СКОПЈЕ

Изложба на фотографии од збирките разгледници издадени од МАРХ Македонска архитектура од авторот на проектот Филип Конески со наслов „Бетонско Скопје“. Изложбата е поддржана и од Градот Скопје и Министерството за култура.

20:00 – парк МКЦ

„ЗЕЛЕНИОТ ДВОРЕЦ“: КНИЖЕВЕН ВРЕМЕПЛОВ разговор за Скопје

Прошетка низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста. Низ примерите од романот „Зелениот дворец“ од Сибо, зборуваме за Скопје негогаш и сега, некаде и овде.

21:00 – парк МКЦ

ПЕДРО ХОРИЗОНТЕ

Групата Педро Хоризонте е формирана на иницијатива на Петар Младеновски и Гога Поп Георгиевски, крајот на 2019 година. Идејата за формирање на оваа група беше сите оние неиздадени песни што со години ги собирале како самостојни автори, да се издадат на носач на звук, кој ќе биде и нивниот деби-албум. Првите четири песни, „Земја на еден жител“, „Чекајќи“, најновиот сингл „Паранормално“ и сѐ уште неиздадената „Мега хит“, се во соработка со Иво Митковски, кој како трет член се вклучува во бендот 2021 до средината на 2022 година. На негово место во 2023 се вклучува Владимир Митревски – Ѓуле, кај кого моментално се доснимуваат песните од деби-албумот. За продукцијата, мастерингот и миксот повторно е задолжен Дени Крстев и неговото студио 1060.

22:00 – парк МКЦ

ЛУФТХАНЗА

Луфтанза се млад македонски бенд со експериментален и агресивен дух, кој спојувајќи ја своата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалоста и конформизмот на фабричката еднолична музика. Шест испотени другари што свират и напорно работат во својата неклиматизирана гаража од почетокот на пандемијата, со 4 албуми под своето име се спремни да ви ги искорнат ушите.

23:00 – парк МКЦ

БАКЛАВА

„За Скопје со љубов“ е петтиот албум на групата, кој го посветуваат на својот град. Бендот го продолжува своето музичко патување, но овој пат остануваат дома и ги раскажуваат приказните на Скопје. Не само за неговите населби, маала и други топоними, туку и менталитетот и љубовите на неговите граѓани.

00:15 – парк МКЦ

СКОПЈЕ РЕМИКС Филмска проекција

Омнибус за Скопје, десет приказни на десет режисери: Јане Алтипармаков, Огнен Димитровски, Синиша Евтимов, Срѓан Јанаќијевиќ, Даријан Пејовски, Саша Станишиќ, Ѓорче Ставрески, Вардан Тозија, Бојан Трифуновски, Борјан Зафировски.


ПАРК МКЦ


6 views

Comments


bottom of page