Мијатовиќ: Модриќ остана во Реал само поради една работа
Лука Модриќ и Тони Крос беа резерви на последното „Ел Класико“ кое се одигра во Америка, а според многумина, тоа може да биде се почеста слика на натпреварите кои ќе ги игра Реал Мадрид во новата сезона.
Двајцата ветерани ставија потписи на нови договори и ја продолжија верноста со „кралскиот клуб“, но Карло Анчелоти со подмладувањето на ростерот јасно стави до знаење дека е подготвен за транзициски период.
Џуд Белингам и Арда Ѓулер се засилувања во средниот ред во кој има играчи како Валверде, Камавинга и Чуамени, па нема да биде изненадување доколку во новата сезона гледаме ситуација во која Модриќ и Крос почесто би добивале одмор.
Ваквите тврдења на угледните шпански медиуми се спротивни од она што го мисли легендарниот Пеџа Мијатовиќ, кој е убеден дека Модриќ нема да се откаже така лесно и дека ќе се избори за стартерско место и во новата сезона.
– Многу добро го познавам Модриќ и тој одлучи да остане уште една сезона бидејќи знае што може да понуди. Тој не може да замисли да биде резерва и да гледа како другите се стартери пред него. Нема да прифати таков статус, ќе се бори за своето место и ќе тренира како и досега. Има доверба во Анчелоти и знае дека ќе дојде време кога ќе биде најдобар. Модриќ остана само за да игра, а не за да биде резерва, тој ќе се бори за своето место во тимот, – потенцира Мијатовиќ.
Comments