Мијата на фестивал на музички контролори во Италија
Наташа Мијатовиќ-Крстевска алиас Мијата е дел од македонската музичка сцена дваесетина години. Паралелно со своето животно хоби, популарната македонска кантавторка ја негува и својата страст за летање. Поточно, за контролата на летање, што ѝ е примарна професија.
Деновиве Мијата престојува во Италија, каде што од 31 август до 3 септември се одржува Фестивал на музички контролори, на кој годинава настапува по вторпат.
– Фестивалот на музички контролори традиционално се одржува по четврти пат, во делот на Италија наречен Саленто. Доаѓаат контролори на летање, кои се и музичари, од различни делови на светот, кои настапуваат со своите бендови. Секој група подготвува репертоар за настап од 40 минути. Годинава имаме 15 бенда, поделени на четири фестивалски денови. Имав среќа да го отворам овој историски фестивал пред четири години. Сега ми е полесно и попознато. Оваа година мојот бенд се вика „Мијата енд д Контрол фрикс“. Како вокал ме придружуваат Кире Мирчовски со акустична гитара и Александар Пешевски со гитара и хармоника. Подготвивме репертоар од 13 песни, од кои некои се оригинални, а некои кавери, но сите се спакувани во акустичен рок-стил. Годинешниот настап е посебен бидејќи на него ќе се случи премиера на мојата најнова песна, насловена „Paid“ – вели Мијата.
Песната е авторското дело на Мијата (музика и текст), додека Дамир Пух ги потпишува аранжманот и продукцијата. Придружните вокали на снимката ги отпеа Наташа Миха.
Comments