top of page

Видео и фото Мицкоски за гласањето во ЕП: Ова е нашиот Крушевски манифест, мора да се мобилизираме!

Updated: Jul 10

09.07.2025 Juli Sreda

Како некаков месија кој единствен разбрал што сакаат Бугарите од Македонија, премиерот Христијан Мицкоски го издигна денешното гласање за извештајот во Европскиот парламент на ниво на национална драма, иако нема таква политичка тежина и  утре сите ќе го заборават, како претходните над 20. Тој дури рече дека ова е нашиот Крушевски манифест, т.е. на овие генерации, по кој треба да се мобилизираме, бидејќи се бориме за фундаменталните човекови права и вредности.

Со еден куп историја од 1903 наваму, тој и даде епски димензии на неправдата што ја трпи Македонија, особено по осамостојувањето, па ги нареди промената на знамето, референцата БЈРМ, блокадата за НАТО,  промената на името на државата, „насилните упади, преврати и конфликти“, како и “позитивните извештаи на напредокот на земјата во ЕУ, кои остануваат да зјаат во безизлезноста“. Според него, „македонската историја е втемелена врз историски неправди“ и „неправдата е составен дел на нашето секојдневие“, и тоа не само идентитетски туку и социо-економски.

Во овој говор за плачење,  премиерот сепак успеа и да протне и успех, со констатацијата дека за првпат во извештај на ЕП во Комитетот за надворешна политика бил внесен „македонскиот јазик и македонскиот идентитет“ и дека тоа ќе биде запишано – или во превод, тој си даде сам историска важност.      

„Македонската историја е втемелена врз предавства и неправди. Тоа не е ексклузивитет на современата Македонија, туку болка која ја носиме низ вековите. Неправдата е составен дел од нашето секојдневие, но нека го чуе секој: денешниот ден не е ништо ново за нас“, порача Мицкоски.

Тој оцени дека со гласањето во Европарламентот вистината излегла на површина и ЕУ јасно покажала што очекува од Македонија – услови кои не важат за ниту една друга држава-кандидат.

„Тоа се политичари од врвен калибар, кои совршено знаат што е суштината на овие барања. Сега сè им е сервирано на тацна. Не сакам никој повеќе да ми зборува дека бугарското малцинство е проблем – уште утре можеме да го внесеме во Уставот. Но, суштината е поинаква. Проблемот не е во тоа, туку во триесетгодишната стратегија која ја водат низ европските ходници против македонската нација“, рече Мицкоски, практично сугерирајќи дека сите во Европа се против Македонија, сите сакаат да не обезличат, сите имаат задна намера, со што пораката меѓу редови може да биде – и што бараме во таква Европска унија?

Премиерот образлагаше дека државата, од независноста до денес, направила бројни отстапки и помирувања, но дека вистинскиот проблем е што нашите лидери со децении не воделе сметка за националниот интерес, така што тој сега нема да дозволи да се случи уште едно национално предавство.Кажа дури и дека не му е гајле за политичката кариера туку му е гајле само за интересите на државата, дека неговата функција е минлива, а целта останува.

„Оваа борба е и ќе биде тешка. Но, ќе успееме. Малубројна земја сме со големо срце. Ги почитуваме соседите, дури и кога ќе ги фатиме живи како работат против нас. Но, без взаемна почит, нема да постигнат ништо. Кога ќе почнат да не почитуваат – ќе ни бидат најголем пријател“, истакна тој.

Во својата изјава тој посочи и дека моменталната блокада од Бугарија не е единствената причина за застојот во евроинтеграциите, туку дека проблемите датираат уште од 90-тите години, кога Македонија беше признаена како држава, но не и како нација.

„Овој извештај ќе биде одредница на еден нов пркос. Овој ден, како и многу други, остануваме горди и со крената глава. Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија. Но, таа блокада не почна денеска, ниту ќе заврши денеска. Таа почна во 1991 година, кога се случи еден гест од Бугарија за признавање на посебноста на една држава, но со ограда дека не го признава јазикот и народот. Бугарија ја призна нашата држава, но не и нашата нација. Требаше да видат некои политичари дека источниот сосед има поинаква агенда“, изјави Мицкоски и дополни:

„ Работеа против нас повеќе од три децении. Водени се од мислата да ја уништат македонската нација и идентитет“.

Тој оцени дека нашите политичари досега одлучиле чекор по чекор да одат и да го сочуваат мирот, и тоа е во ред. Но, не издржа да не им фрли дамка со пораката дека во Европа чекаат некои корумпирани да дојдат и да прифатат промена на идентитетот, со јасна референца кон главната опозициска партија.   

„Дали беше исправна тезата „времето работи за нас“, ќе покаже историјата. Но, факт е дека Бугарија работеше против нас. Почнавме низа активности кои ќе придонесат за наоѓање долгорочно решение на нашиот проблем. Немавме амбиции ниту лажна надеж дека сега ќе успееме. Ја знаеме ситуацијата во Унијата. Не сме наивни, сето ни беше совршено јасно, никој не очекуваше дека сега и денес ќе се реши се. Токму затоа го напоменувам признавањето на државата во деведесетите од страна на првиот сосед. Јасен показател ни е дека имаат јасна агенда и план, и дека сакаат да ја уништат македонската нација и идентитет“, рече Мицкоски, додавајќи дека сега и Европа може да види со какви предизвици се соочува Македонија, откако претходно оцени знаат што се случува и глумат дека ни бараат реформи.

Тој притоа и порача на Софија дека, наспроти се, ние сме на „вистинската страна на историјата“, а дека Бугарија знае да ја „утне“.

„Оваа борба ниту почнува, ниту завршува денеска“, заклучи Мицкоски. Потоа се заблагодари до „пријателите од Европската унија“ кои веруваат во вредностите да бидеме дел од ЕУ. На граѓаните, пак, им порача дека е оптимист и дека само со ваков искрен и чесен однос и кажување на работите како што се  за Македонија доаѓаат добри денови, во смисла по толку неправди и црнила – ќе ни огрее сонце.

Наспроти пораката на Мицкоски, денес нашироко беше пренесувана пораката на европарламентарката со македонско потекло од Словенија, Ирена Јовева.

„Овој извештај не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет. Сепак морам да бидам фер и да му порачам на македонскиот народ: знам дека боли, особено мене, но не се согласувајте со политичкиот наратив кој ќе ви кажува дека Европскиот парламент со тоа ви го одзел идентитетот или јазикот, бидејќи тоа не е вистина. На оние кои го велат токму тоа, бидејќи сакате сè освен правда, ви велам дека македонскиот јазик е автентичен. Вашите обиди се модерна фикција. Идентитет кој преживеал векови нема да исчезне поради еден глас или вашето лобирање. Ќе продолжи да постои како македонски јазик. За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола. Но, на вас, за да го признаете тоа ви треба чесност, интегритет и храброст“, рече европратеничката.


 
 
 

Commentaires


bottom of page