„Мирор“: Наводната љубовница на Путин се појави во ТВ-емисија
17.08.2021 Avgust Vtornik
Поранешната руска гимнастичарка Алина Кабаева (37) се појави во јавност за првпат по речиси две и пол години откако почнаа да се шират шпекулации дека очекува близнаци со претседателот Владимир Путин (68). Поранешната гимнастичарка беше член на Путиновата партија „Единствена Русија“ и шеф на Националната медиумска група, а наводно, врската со Путин ја почнала пред 12 години. Кабаева гостуваше во програмата на руската национална телевизија, па ги нападна судиите на Олимписките игри во Токио, кои, според нејзино мислење, ја оштетиле колешката Дина Аверина. Аверина освои сребро во ритмичка гимнастика, а Кабаева тоа го нарече неправда и го нападна настапот на освојувачот на златниот медал, Израелката Линој Ашрам, пишува британски „Мирор“, кој објави и снимка од нејзиниот настап на телевизија. „Настапот на Дина Аверина беше совршен. За разлика од нејзиниот ривал од Израел, кој направи голема грешка. Таа грешка требаше да ѝнамали еден поен, но тие одзедоа само 0,7 поени. Со вакви грешки не се освојуваат златни медали. Беа потребни шест минути за да ѝ доделат поени. Одложувањето значи дека судиите ги броеле бодовите и не сакале Аверина да ја победи израелската гимнастичарка“, тврди Кабаева. Путин беше во брак со Људмила Путин, со која има две ќерки, Марија и Екатерина. Пред седум години, тие се разведоа по 30 години брак. Кабаева е олимписка победничка во 2004 година во Атина, а во Сиднеј во 2000 година освои бронзен медал. Таа се повлече од гимнастика во 2005 година, а потоа помина осум години во рускиот парламент. Беше и член на партијата на Путин. Иако нејзиниот портпарол рече дека нема коментар, медиумите во април 2019 година дознаа дека четвртиот ВИП-кат на Медицинскиот центар Кулаков во Москва тогаш бил затворен. Сторијата за тоа дека Кабаева се породила беше објавена во веб-изданието на весникот „Московски Комсомолец“, но кратко потоа целиот напис беше избришан. Сепак, некои независни новинари јавија дека Кабаева се породила со царски рез.
Comments