Миновски: Планираме овој „Опен Скопје“ да биде најсилен досега
- Aleksandar Santovski
- Sep 15, 2022
- 1 min read
ШАХ
Од 21 до 27 октомври годинава, во Скопје треба да се одржи меѓународниот турнир „Опен Скопје 2022“, кој во минатото имаше голема традиција и на кој учествуваа многу реномирани домашни и странски шахисти и шахистки. Наградниот фонд изнесува 12.500 евра, поделен на 12 награди, а победникот ќе добие 2.800 евра. Предвидени се и повеќе специјални награди, како и почесна награда (750 евра) насловена постхумно според македонскиот шаховски доајен и вреден шаховски работник Круме Митковски, поделена на најдобрите тројца ненаградени слепи играчи или играчи со телесен инвалидитет.
Ќе се играат девет кола со стандардно време на размислување. Во 2020 и во 2021 година се одиграа турнири „Опен Скопје“, но во забрзан и во брз шах. Досега се пријавени 19 шахисти од Македонија, Црна Гора, Романија и од Бугарија, од кои осум велемајстори (ВМ), четворица интернационални мајстори (ИМ) и двајца ФИДЕ-мајстори (ФМ), а прворангиран е македонскиот ВМ Кирил Георгиев (2.538 рејтинг-поени). Секако, до почетокот на турнирот овој број рапидно ќе се зголемува. – Планираме овој „Опен Скопје“ да биде најсилен досега и на него да учествуваат повеќе од 150 шахисти, од кои над 30 велемајстори. Турнирот, всушност, ќе претставува континуитет на некогашниот „Опен Скопје“ од 1980-тите години, а кој последен пат со стандардно време на размислување, по долга пауза, се одржа во 2019 година, но и на силните турнири „Опен Карпош“, од кој последниот беше во 2018 година – вели директорот на турнирот „Опен Скопје 2022“, Ѓорѓи Миновски.
Г.И.

Comments