Милер усоврши уметност да се биде на вистинското место во вистинско време
08.11.2021 Noemvri Ponedelnik
ФУДБАЛ
Томас Милер е веројатно последниот од фудбалерите што се светски ѕвезди, прваци, а кои целата кариера ја поминале во еден клуб, и тоа во близината на местото на раѓање. Милер (32) е роден во Велхајм, а пораснал во Пел, педесетина км југозападно од Минхен. Тој му се приклучил на Баерн на 10-годишна возраст во 2000 година и брзо почнал да напредува, дебитира во Бундес-лигата еден месец пред 19-от роденден под водство на Јирген Клинсман и по повеќе од една деценија има речиси 600 настапи за сениорскиот тим (само двајца играчи во клупската историја успеале во такво нешто, голманите Сеп Маер и Оливер Кан). Но во почетокот ништо не навестуваше за извонредната кариера што го чекаше господинот Баерн, како што го нарекуваат. Неговиот пробив дојде пред 12 години, кога како тренер во сениорскиот тим пристигна Луј ван Гал, кој го препозна огромниот потенцијал на Милер. Тој настапи на сите мечеви таа сезона, оправдувајќи ја неговата доверба, постигнувајќи 13 гола и 10 асистенции, освојувајќи ги првенството и Купот на Германија. – Тој ме фрли во длабокото. Дебитирав пред неговото доаѓање, но потоа тој постојано се потпираше врз мене. За нас играчите е тешко да се зборува за тренерите додека уште сме активни. Но би рекол дека најголемо влијание врз мене имаше Ван Гал, бидејќи тогаш бев на најдобрата возраст за да бидам под нечие влијание – вели Милер.
ДЕБИ СО „ЗЛАТНА КОПАЧКА“
На Светското првенство (СП) во 2010 година на третиот репрезентативен натпревар, со Австралија (4-0), тој го постигна првиот гол и асистираше за уште еден. Во осминафиналето со Англија (4-1) следуваа два гола и една асистенција и еден гол во четврт-финалето со Аргентина (4-0). Милер не настапи во полуфиналето со Шпанија (0-1) поради суспензија, но се врати во мечот за третото место со Уругвај (3-2) и го постигна петтиот гол на СП. На 20-годишна возраст тој се врати дома со „златната копачка“ за најдобар стрелец на СП. Откако го продолжи договорот со Баерн до 2015 година, Милер продолжи да напредува (21 гол и 28 асистенции во следните две сезони). Но недостигаа успесите со Баерн, кој во тој период беше во сенка на Борусија Дортмунд под водство на Јирген Клоп. Во мај 2012 година во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), Баерн поведе на мечот со Челси во Минхен во 83. минута со голот на Милер, што даваше надежи дека ќе биде доволен за петтата европска круна на Баерн. Но Дидие Дрогба израмни, за на крајот англискиот тим да триумфира на пенали. Тој пораз многу набљудувачи го опишаа како полош од оној во финалето на ЛШ во 1999 година, кога Манчестер јунајтед постигна два гола во судиското продолжение за да му го одземе трофејот на Баерн. Но од пепелта на мачниот пораз на домашен терен, тимот на Јуп Хејнкес се издигна како феникс за да ужива во најуспешната сезона, 2012/2013, освојувајќи ги Бундес-лигата, Купот на Германија и ЛШ, во која Баерн ја победи Борусија Д. со 2-1, а Милер ја заврши европската сезона како прв стрелец на Баерн со осум гола. Во Бундес-лигата придонесе со по 13 гола и асистенции, плус по еден гол и асистенција во победата со 3-2 во финалето на Купот со Штутгарт. На СП 2014, Милер го повтори ефектот од СП 2010, повторно постигна пет гола… – Милер е природен талент. Тој игра брилијантно од 2010 година. Тој е со двете нозе на земја и може да се справи со пофалбите или со критиките, со успехот или со неуспехот, подобро од кој било. Никогаш не сум се сомневал во него – изјави тогаш селекторот на Германија, Јоаким Лев.
ТАКТИЧКА СИЛА
Најдобра сезона му беше 2015/2016, кога играше поповлечено и десно од Роберт Левандовски, постигнувајќи 32 гола во сите натпреварувања. Во 2016/2017 Карло Анчелоти го замени Пеп Гвардиола, а Милер продолжи да игра клучна улога во нападот, уште еднаш покажувајќи ја својата способност како камелеон да се приспособува на различни системи и тренери. – Тој е нетипичен затоа што е одличен напаѓач со неортодоксни вештини. Очекуваме одличните напаѓачи да бидат извонредни во однос на атлетизмот, техниката или креативноста. Наместо тоа, неговата сила е тактичка, во способноста да ја чита играта – изјави Анчелоти за ЕСПН, а Ханси Флик, пак, сега селектор на Германија, до лани тренер на Баерн, вели: „Не можете секогаш да го сфатите неговиот стил на игра, но не можете ниту да го измерите она што тој го дава за тимот и за клубот. Тој е секогаш позитивен, има нивоа на енергија како 18-годишник и ги поттикнува сите играчи. Можете само да му симнете капа за она што го постигна во кариерата“. Во сезоната 2019/2020, Милер имаше неверојатни 21 асистенција, што е рекорд во една сезона во Бундес-лигата, а Баерн шести пат стана фудбалски првак на Европа. Милер играше одлично и во сезоната 2020/2021. Како стартер на 31 меч, со 18 асистенции и 11 гола, повторно одигра главна улога во освојувањето на титулата во Бундес-лигата, деветта по ред, за него 10-та. Милер за првиот тим на Баерн пропушти само 29 меча во Бундес-лигата во текот на 12 сезони.
ЧИТАЧ НА ИГРАТА
„Читач на играта“ е термин што Милер си го измисли во интервју за „Зидојче цајтунг“ во 2011 година. Како поинаку да се опише таков необичен напаѓач? Може да се пофали со некои вештини што се многу ценети за напаѓач од светска класа, како што се дриблинг, шут од далечина, трчање и друго, но неговото „читање на играта“ е неспоредливо, а способноста да создаде простор за себе и за соиграчите е централна во неговата игра. Тој ја усоврши уметноста да се биде на вистинското место во вистинско време, со или без топка. – Разбирам дека на многумина им е тешко да ме разберат како играч. Велат: „Невозможно, како го направи тоа?“ Но во одреден момент, тие почнаа да размислуваат: „О, сепак тој е доста добар!“ – изјави тој за „Обсервер“.
Comments