top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Миленкоски: Се надевам дека ќе ја достигнеме вистинската форма кога е најпотребно

ОДБОЈКА – ПОДГОТОВКИ ЗА ЕП 2023

Македонската одбојкарска репрезентација ги одработува првите тренинзи во пресрет на настапите пред домашна публика, во Скопје, на Европското првенство, во групата Ц, што ќе биде трето по ред учество за црвено-жолтите на континенталниот шампионат. Селекторот Јошко Миленкоски на располагање има 19 играчи, а во текот на подготовките се предвидени 11 тест-натпревари, во Скопје и во Кавадарци. – Решивме да закажеме што е можно повеќе пријателски натпревари за да можеме да продолжиме таму каде што застанавме во Европската златна лига и да напредуваме. Добро е што нема да патуваме, имаме одлични услови за работа дома и се надевам дека ќе ја достигнеме вистинската форма кога е најпотребно – вели Миленкоски, пренесе Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница. Македонија првиот тест-натпревар го закажа за 4 август, со Романија, во Скопје, а ќе игра уште и со Израел, Јапонија, Грција и со Египет. Првиот меч на ЕП 2023 е предвиден за 30 август, со Данска, а потоа се и дуелите со Црна Гора, Полска, Холандија и со Чешка. Влезниците се продаваат преку интернет-страницата на ЦЕВ. Македонската селекција игра и за прв пласман во осминафиналето на европските првенства, а таму, меѓу 16-те најдобри, ќе настапат по четири првопласирани репрезентации од секоја од четирите групи (натпреварите од групата А се играат во Италија, од групата Б во Бугарија и од групата Д во Израел). На претходните две европски првенства Македонија ги освои 17-то и 23-то место. Н.М.

Првото ЕП е одржано пред 75 години

Европските првенства (ЕП) во одбојка годинава слават 75 години од првото континентално првенство, одржано во 1948 година, во Италија, а прв шампион беше репрезентацијата на поранешна Чехословачка. Годинашното ЕП ќе биде 34-то по ред и трето што ќе се игра во четири земји, во Македонија, Италија, Бугарија и во Израел. Во секоја земја ќе се игра една група, а завршницата, како и пред 75 години, ќе се игра во Италија, чија репрезентација е актуелен европски првак. ЕП 2023 е и трето на кое играат по 24 селекции. Вкупно 15 репрезентации освоиле медали барем еднаш, а Русија е водечка со вкупно 22 медали, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница.

Италија е домаќин рекорден петти пат

Италија годинава петти пат ќе биде домаќин на европско првенство (ЕП) во одбојка и со тоа е рекордер. Таа земја претходно беше самостоен организатор на европските првенства во 1948 и во 1971 година, а како кодомаќин во 2005 и во 2015 година. На домашен терен Италија освои злато во 2005 година и бронза во 1948 година. Досега континенталните првенства се одржани во повеќе од 20 земји.


1 view

Comments


bottom of page