top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Милевски: Ќе мора да бидеме на 100 отсто, затоа што Украина е извонредно квалитетна селекција

ФУДБАЛ – ПРОДОЛЖУВААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024, ДЕНЕСКА МАКЕДОНИЈА – УКРАИНА

Ако сакаме да се надеваме на резултат на домашен терен, тогаш ќе мора да одиграме максимално и ни треба еден перфектен меч. Ни треба максимален фокус од првата до последната минута, рече капитенот Стефан Ристовски, пренесе ФФМ

Македонската фудбалска репрезентација денеска на арената „Тодор Проески“ во Скопје (од 20.45 часот) ја пречекува селекцијата на Украина, во натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија. Во рамките на групата Ц во март годинава црвено-жолтите дома ја победија Малта, со 2-1, а Украина загуби на гостувањето кај Англија, со

0-2. – Од фудбалерите што ќе се најдат на терен може да очекуваме да го дадат својот максимум. Кој ќе настапи и колку ќе игра зависи од физичката подготовка на секој поединечно, а за натпреварувачката форма не можеме многу да зборуваме, туку за она кој од нив е блиску до натпреварувачки ритам. Ќе мора да бидеме на 100 отсто, затоа што Украина е извонредно квалитетна селекција и екипно и индивидуално. Овој меч ќе биде поразличен од тој со Германија, мислам пред сѐ во пристапот на Украина, но тоа не значи дека не сме подготвени. Ги анализиравме, имаат нов селектор, ги анализиравме и од мечот на Европското првенство и други натпревари, но и мечот со Германија. Заклучокот е дека се извонредно силна селекција. Ние мора да бидеме и на повисоко ниво од нашето ако сакаме успешен резултат – вели Благоја Милевски, селектор на македонската репрезентација, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Македонија и Украина досега одиграа пет меѓусебни средби, Македонија има една победа (1-0 во Скопје во тест-натпревар, во 2004 година), еден меч заврши нерешено (0-0, на гости, пријателска средба во 2003 година), а Украина забележа три победи (1-0 дома и 2-0 на гости во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2016 година во Франција и 2-1 на континенталниот шампионат во 2021 година). – Украина е една од селекциите што ја сметаат за „нефаворит“, ама игра одличен фудбал. Со нив игравме на Европското првенство, а покажавме две различни полувремиња. Направивме грешки што ривалот ги казни. Ако сакаме да се надеваме на резултат на домашен терен, тогаш ќе мора да одиграме максимално и ни треба еден перфектен меч. Ако сакаш нешто повеќе со вакви селекции, не може само да се браниш, мора нешто да направиме и во офанзива, да задржиме топка. Во фудбалот сѐ е можно. Ни треба максимален фокус од првата до последната минута. Спремни сме и се надевам со поддршка од навивачите, која ќе ни биде ветер во грб, ќе дојдеме до позитивен резултат – рече капитенот Стефан Ристовски, пренесе ФФМ.

В понеделник, пак, Македонија гостува кај селекцијата на Англија (натпреварот се игра во Манчестер), која по првите два дуела во групата Ц има максимален ефект од шест бода, а Украина ќе игра со Малта. На Европското првенство в година во Германија ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи.

Во групата Ц е и репрезентацијата на Италија, која во овој термин не игра квалификациски натпревари, туку настапува на фајналфор-турнирот на третото издание на Лигата на нациите, каде што синоќа играше во полуфиналето со селекцијата на Шпанија. Во првиот полуфинален дуел, завчера, Хрватска го победи домаќинот на овој турнир, Холандија, со 4-2, по продолженијата, откако по 90 минути игра беше 2-2.




1 view

Comments


bottom of page