top of page

Милевски: Целосен фокус на двата натпревари, а за иднината – ќе видиме!

Репрезентацијата на Македонија ќе ги одигра последните два натпревари во квалификацискиот циклус за Европското првенство. На крајот на групата следат дуелите со европските великани Италија и Англија.

Откако селекторот Благоја Милевски го откри списокот на фудбалери, се обрати на стандардната прес-конфернција на која го објасни својот избор.

„Списокот горе-долу е ист како минатиот. Се враќа Тихо Костадинов кој беше долго време повреден. Останатите се истите од минатиот „прозорец“, ме радува што сите се здрави и се надевам така ќе остане. Натпревари како натпревари, нема лесен или тежок меч во квалификации за својата земја. Нема разлика дали играте против Италија или Англија, наспроти Украина или Малта. Ме радува што последните два „прозорци“ нè краси позитивна атмосфера. Правиме млад тим кој покажа дека може да е конкурентен, може да се носи со сите. Момците кои играа покажаа дека со право се тука и зошто добиваат минутажа. Ниту еден натпревар не наликува на претходниот. Сето тоа што го одигравме досега со Италија, сега нè очекува поинаков натпревар, со поголема тежина од минатиот или тој плеј-оф за Светското првенство во Катар. Играчите се тие и нашите и на противникот, а она што подетално ќе ни биде потребно ќе го договориме со фудбалерите. Може да се очекуваат промени и кај противникот и кај нас, ќе видиме. Иако резултатски одигравме добро против Италијанците во Скопје, анализирани се грешките кои не сакаме да се повторуваат. Нè очекува сосема поинаков дуел од тој. Италија има доста измени по доаѓањето на Спалети, па не можеме многу да се потпреме на тој натпревар. Неговите принципи во самата игра не се разликуваат од клупскиот и репрезентативниот фудбал. Според нив, ако некоја филозофија носи резултат немате причина да менувате. Ние во многу наврати покажавме дека можеме да доминираме на терен, иако реализацијата не секогаш беше на ниво. Сето тоа што го покажавме е намера да се даде гол, но некогаш одеше, а некогаш не. Не сме во ситуација да се штедиме. Секогаш потенцирам дека следниот натпревар е најважен. Ситуацијата е таква каква што е, нема што да се менува многу меѓу натпреварите. Минутажата во клубовите е секогаш проблем за физичката и натпреварувачката форма. Дел од носителите на играта се со минимална или никаква минутажа, а за среќа играчите од средината и нападот се стандардни. Немаме некој огромен ростер на играчи за да можеме да ротираме, па мора на секој меч да се дава максимумот“, изјави Милевски.

Покрај другото, Милевски доби прашање околу крајот на неговиот договор со федерацијата, а тој изрази задоволство за досегашната работа, но не ја прокоментира иднината.

„Морам да изразам задоволство за досегашниот престој во А-тимот, за целосната поддршка од федерацијата. Задоволство е да се работи кога ги имате сите услови. Чест е да се работи со овие момци како фудбалери и карактери. Само тоа можам да го кажам на истекот на мојот договор, сето останато што ќе следи е знак прашалник. Целосниот мој фокус е на овие два натпревари, а за иднината ќе видиме. Според мене, не сметам дека овие натпревари ќе бидат одлучувачки дали ќе добијам нов договор бидејќи досега ги докажав моите способности во повеќе наврати“, прокоментира селекторот кој е на истек на договорот.

Македонија ѝ гостува на Италија во Рим на 17 ноември, додека три дена подоцна во Скопје гостува Англија.


 
 
 

Kommentare


bottom of page