top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Милевски: Овие момчиња редовно нѐ изненадуваат, особено кога тимот се соочува со проблеми

ФУДБАЛ – СЛЕДУВААТ УШТЕ ДВА МЕЧА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

Во третото издание на Лигата на нациите (ЛН) во фудбал, по летната пауза и по четирите одиграни кола во јуни, кон крајот на септември следуваат последните два натпревара, по што ќе биде познато кои репрезентации ќе играат за титулата во плејофот в година, кои ќе се пласираат во повисок, а кои ќе се преселат во понизок ранг. Македонија во рамките на лигата Ц ќе ѝ гостува на Грузија на 23 септември, по што ја пречекува Бугарија во Скопје на 26 септември. На списокот на селекторот Благоја Милевски има дури 27 фудбалери, но меѓу нив нема некои од до скоро стандардните, како Бобан Николов, Кире Ристевски и Давид Бабунски, кои моментно немаат клубови. – Не случајно на списокот има толку фудбалери. Имаме многу проблеми и непланирани работи што се однесува до здравствената состојба и до формата на некои фудбалери. Некои од играчите немаат клубови, а неколкумина, пред неколку дена најдоа нови, за формата да не говорам. Но овие момчиња редовно нѐ изненадуваат, особено кога тимот се соочува со проблеми и секогаш покажуваат дека се во состојба да се стават во функција на тимот. Тие проблеми ни даваат дополнителен мотив и додека постојат шанси ќе дадеме сѐ од себе да се бориме за највисок пласман. И овие мечеви во Лига на нациите ќе ги користиме за дооформување на ликот на тимот за тоа како треба да изгледа во иднина – рече селекторот Милевски на вчерашниот прес. Во првиот дуел, Македонија само со победа ќе ги задржи шансите за освојување на првото место во групата 4, кое води во лигата Б. На Грузијците ќе им биде доволен и еден бод од овој дуел за промоција во повисок ранг. Ова ќе биде петти меч меѓу репрезентациите на Македонија и на Грузија. На претходните четири ефектот е по една победа и две ремија, и гол-разлика 2-5, поради убедливиот пораз на мечот во јуни, во Скопје, со 0-3. Но Македонија ја забележа решавачката победа, во плејофот за пласман на Европското првенство во 2020 година, на гости во Тбилиси со 1-0. Собирот на најдобрата македонска селекција е закажан за в понеделник во Скопје, каде што ќе се реализираат мини-подготовките. Л.Д.

Плејоф и плејаут во март 2024 година

Низ редовните квалификации (од март до ноември в година) на Европското првенство во 2024 година ќе се пласираат 20 фудбалски селекции, како и домаќинот Германија. Преостанатите три репрезентации ќе бидат добиени преку плејофот со 12 селекции, избрани врз основа на нивниот настап во Лигата на нациите (ЛН), сезона 2022/2023, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Плејофот е во март 2024 година. Репрезентациите што ќе бидат четврти во групите во лигите А и Б на ЛН се селат во пониските лиги. Последнопласираните четири во групите во лигата Ц, пак, ќе разигруваат во плејаутот во март 2024 година, по што победниците остануваат во лигата Ц, а поразените ќе се преселат во лигата Д. Полуфиналиња на плејофот за титулата во ЛН се на 14 и 15 јуни 2023 година, а финалето и натпреварот за трето место се на 18 јуни 2023 година. Во првото издание на ЛН во 2019 година победи Португалија, а во второто, во 2021 година, триумфира Франција.

СОСТАВ НА МАКЕДОНИЈА

Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Кристијан Наумовски (Шкупи), Игор Алексовски (Работнички). Одбрана: Стефан Ристовски (Динамо, Хрватска), Дарко Велковски (Ал Етифак, Саудиска Арабија), Висар Муслиу (Инглоштат, Германија), Езѓан Алиоски (Фенербахче, Турција), Тодор Тодоровски (Сумгаит, Азербејџан), Стефан Ашковски (Ламија, Грција), Никола Серафимов (МОЛ Види, Унгарија), Ѓоко Зајков (Ворскла, Украина), Бојан Димовски (Академија Пандев). Среден ред: Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Трабзонспор, Турција), Аријан Адеми (Динамо, Хрватска), Енис Фазлагиќ (Дунајска Стреда, Словачка), Агон Елези (Вараждин, Хрватска), Јани Атанасов (Хајдук, Хрватска), Стефан Спировски (Пјуник, Ерменија). Напад: Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (Абердин, Шкотска), Дарко Чурлинов (Барнли, Англија), Александар Трајковски (Ал Фејха, С. Арабија), Ваљон Етеми (Истанбулспор, Турција), Дориан Бабунски (Дебрецин, Унгарија), Љупче Дориев (Шкендија). Селектор: Благоја Милевски

ЛИГА Ц, ГРУПА 4

Грузија – Македонија 23.9. Бугарија – Гибралтар 23.9. Македонија – Бугарија 26.9. Гибралтар – Грузија 26.9.

ТАБЕЛА Грузија 4 3 1 0 12-2 10 Македонија 4 2 1 1 7-4 7 Бугарија 4 0 3 1 4-7 3 Гибралтар 4 0 1 3 1-11 1


1 view

Comentários


bottom of page