Милевски: Натпреварите со Молдавија и со Црна Гора ни се многу важни
ФУДБАЛ
15.03.2024 Mart Petok
Со нетрпение го очекуваме новиот собир по подолга пауза од последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Натпреварите со Молдавија и со Црна Гора ни се многу важни во подготовките за следните квалификации, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво. Треба да бидеме подготвени и полни со мотив, иако станува збор за пријателски натпревари. На тренинзите и на натпреварите треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто. Тоа ќе го барам од сите во тимот. Фокусот ќе биде на тактичките замисли и како треба да изгледаме во Лигата на нации, а тоа значи игра во која ќе бидеме рационални, паметни, агресивни, компактни и фокусирани, рече Благоја Милевски, селектор на македонската репрезентација, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).Милевски го објави списокот со фудбалери за двата тест-меча, со Молдавија на 22 март (почеток во 15.30 часот) и со Црна Гора на 25 март (од 18 часот), во Анталија (Турција). Собирот на репрезентацијата на Македонија е закажан в понеделник, во Анталија.– Во Турција ќе патуваат 28 фудбалери. Сметам дека нема причина за некои поголеми промени. Остануваме со верба во фудбалерите што ги одиграа последните квалификации, со тоа што првпат го повикавме Лирим Ќамили од дански Хвидовре. Станува збор за офанзивен фудбалер што има континуитет од добри игри во својот клуб и сакаме да го видиме во репрезентативната средина – рече Милевски.Македонија досега со Молдавија играла трипати и трипати ремизирала, и тоа 0-0 на гости и 2-2 дома во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2002 година и 1-1 во пријателски натпревар во Анталија, пред 15 години.Три натпревари меѓу себе досега одиграа и Македонија и Црна Гора, сите пријателски средби, во кои двапати дома победи Македонија (2-1 во 2010 година и 4-1 во 2015 година, во Скопје), а еднаш Црна Гора (2-1 во 2008 година, во Подгорица).Состав: голмани: Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Игор Алексовски, Дејан Илиев. Одбрана: Висар Муслиу, Тодор Тодоровски, Никола Серафимов, Јован Манев, Езѓан Алиоски, Бојан Димовски, Ахмед Иљазовски, Стефан Ашковски, Ѓоко Зајков, Дарко Велковски. Среден ред: Енис Барди, Јани Атанасов, Агон Елези, Давид Бабунски, Тихомир Костадинов, Давор Здравковски, Елиф Елмас. Напад: Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Димитар Митровски, Ердон Даци, Лирим Ќамили. Н.М.
Comments