Милевски: Максимално сме фокусирани на првиот меч со Ерменија
26.08.2021 Avgust Cetvrtok
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
Селекторот повика 26 фудбалери, меѓу нив по тројца дебитанти и повратници во репрезентацијата, нема да смета на повредениот Адеми, а под знак прашалник е приклучувањето на Николов. По три кола, Македонија е втора во групата Ј, а од 2 до 8 септември следуваат мечевите со Ерменија (дома), Исланд (на гости) и со Романија (дома).
Благоја Милевски, селекторот на македонската репрезентација, го објави списокот со 26 фудбалери за трите меча во септември во квалификациите за пласман на Светското првенство в година, а на него се и дебитантите Тодор Тодоровски, Никола Серафимов и Бојан Миовски, како и повратниците во селекцијата Адис Јаховиќ, Никола Ѓорѓев и Дејан Илиев. Поради повреда, Милевски нема да смета на Аријан Адеми. Под знак прашалник е приклучувањето на тимот на Бобан Николов, информира Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). – Одлучив на овој собир да ги повикам фудбалерите што имаат собрано големо искуство во националниот тим. Во тимот се повикани и неколку повратници, како и тројца дебитанти. Се радувам на овој собир, со нетрпение ја очекувам повторната средба со голем дел од фудбалерите што беа дел од репрезентацијата до 21 година. Максимално сме фокусирани на првиот натпревар со Ерменија. Станува збор за квалитетна репрезентација, која и на минатите средби од Лигата на нации покажа дека е силен ривал со квалитетен селектор – вели Милевски, кој првиот собир со македонската репрезентација треба да го има в недела, а првиот тренинг в понеделник. Црвено-жолтите по три кола имаат шест бода во групата Ј (победи над Лихтенштајн со 5-0 дома и над Германија со 2-1 на гости, пораз од Романија со 2-3 на гости). Сега следуваат уште три меча, и тоа на 2 септември на свој терен со водечката во групата, Ерменија, три дена подоцна на гости кај Исланд и на 8 септември дома со Романија. На СП 2022 ќе се пласираат првопласираните селекции од секоја од десетте групи, како и трите најдобри од плејофот во кој ќе настапат десетте второпласирани од групите и двете најдобри селекции од Лигата на нации што не се пласирале на СП 2022 или во плејофот низ квалификациите.
СОСТАВ Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Дејан Илиев (Серед, Словачка), Ристе Јанков (Работнички)
Одбрана: Стефан Ристовски (Динамо, Хрватска), Дарко Велковски (Риека, Хрватска), Висар Муслиу (Мол Види, Унгарија), Кире Ристевски (АЕЛ, Кипар), Езѓан Алиоски (Ал Ахли, Саудиска Арабија), Тодор Тодоровски (Раднички Ниш, Србија), Стефан Ашковски (Сепси, Романија), Ѓоко Зајков (Левски, Бугарија), Никола Серафимов (Залаегерсег, Унгарија)
Среден ред: Елиф Елмас (Наполи, Италија), Енис Барди (Леванте, Шпанија), Стефан Спировски (АЕК, Кипар), Тихомир Костадинов (Ружомберог, Словачка), Даниел Аврамовски (Кајсериспор, Турција), Бобан Николов (Шериф, Молдавија), Аријан Адеми (Динамо, Хрватска)
Напад: Адис Јаховиќ (Гестепе, Турција), Милан Ристовски (Спратак Трнава, Словачка), Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Дарко Чурлинов (Шалке, Германија), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија)
Comments