Милевски: Македонија има квалитет, искуство, желба и многу мотиви
18.11.2021 Noemvri Cetvrtok
ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЖДРЕПКАТА ЗА БАРАЖОТ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2022
Нема лесни противници во баражот, сите се екстра-квалитетни селекции. Тука се последните два европски шампиона, Италија и Португалија, и другите се меѓу првите 20 во Европа, така што не се оптоварувам многу со кого ќе играме. Мал хендикеп ќе биде играњето на гости, пред сѐ поради нашата публика, чија поддршка ќе ни недостига. Но Македонија на натпреварите во квалификациите покажа дека знае добро да игра и да победува на гости. Тоа се виде на мечевите со Ерменија (5-0), Германија (2-1), Лихтенштајн (4-0), па и со Исланд (2-2). Македонија има квалитет, искуство, желба и многу мотиви за надигрување. Ќе играме максимално ангажирано и ќе се обидеме да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се даде, вели селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски. Познати се 10 репрезентации што ќе ја претставуваат Европа на Светското првенство (СП) в година во Катар. Директен пласман обезбедија Германија, Данска, Франција, Белгија, Хрватска, Србија, Шпанија, Швајцарија, Англија и Холандија. Во плејофот, на 24 и на 29 март в година, ќе настапат Македонија, Италија, Португалија, Шведска, Украина, Велс, Шкотска, Турција, Русија и Полска, како второпласирани во групите, и Австрија и Чешка преку пласманот во Лигата на нациите. Македонија вторпат е во бараж за пласман на едно големо натпреварување. Лани успешно го помина баражот и првпат се пласира на европско првенство. Ждрепката за плејофот за СП 2022 е закажана за 26 ноември, а 12-те селекции ќе бидат поделени во три групи. Ќе се игра по едно полуфинале, потоа и финале, по што трите победници ќе се квалификуваат на СП во Катар, за вкупно 13 од Европа. Шест второпласирани со најдобар ефект се носители и полуфиналињата ќе ги играат дома. Така, можни противници на Македонија се актуелниот европски првак Италија, европскиот првак од 2016-та, Португалија, Русија, Шведска, Шкотска и Велс. Меѓу неносителите, покрај Македонија, се Турција, Полска, Украина, Чешка и Австрија. На СП 2022, од 21 ноември до 18 декември, ќе настапат 32 репрезентации поделени во осум групи. Досега, покрај 10-те европски земји, пласман на СП 2022 обезбедија и Катар, Бразил и Аргентина.
ЕВРОПСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
Директен пласман: Белгија, Хрватска, Данска, Англија, Франција, Германија, Холандија, Србија, Шпанија и Швајцарија Плејоф, за уште три места: носители пред ждрепката се Италија, Португалија, Русија, Шведска, Шкотска и Велс. Неносители се Македонија, Полска, Турција, Украина, Австрија и Чешка
Comentarios