Милан шокираше со официјалното соопштение за Ибрахимовиќ (Фото)
Златан Ибрахимовиќ на големо ја славеше втората титула во Серија А како член на Милан, но набрзо после незаборавните моменти, попладнево пристигна вест која најмалку сакаа да ја слушнат тифозите на клубот, но и неутралните фудбалски фанови. Официјалното соопштение кое го испрати Милан за Ибрахимовиќ ја шокираше јавноста, бидејќи излезе дека повредата на коленото кое го мачеше подолго време била максимално сериозна. Ибра имаше лимитирана минутажа во завршниот дел од сезоната и влегуваше во игра со инјекции против болка, а потоа воопшто не тренираше со тимот поради големи отоци на коленото. Поради големиот проблем, Ибра решил да подлегне на оперативен зафат, а периодот на рехабилитација ќе изнесува измеѓу седум и осум месеци. Златан по освоената титула најави дека сака да продолжи да игра и ќе донесе конечна одлука во периодот кој следи, но многумина се прашуваат дали ова значи крај на кариерата на напаѓачот кој во октомври ќе полни 41 година, а чиј договор со Милан истекува овој јуни. – Милан соопштува дека денеска Златан Ибрахимовиќ беше опериран на левото колено од доктор Бертранд Коте, во присуство на нашиот член на медицинскиот тим во клубот, Стефано Мацони. Операцијата беше изведена во Лион и притоа беше извршена артроскопија за дефинитивно да се реши нестабилноста на коленото. Се изврши реконструкција на предниот вкрстен лигамент, со странично засилување и санирање на менискусот. Периодот на рехабилитација изнесува од седум до осум месеци, – гласи објавата на Милан.

Comments