Микс на теми и бои во уметноста на Чатмов – пред гевгеличани
Во Домот на културата во Гевгелија, на 18 октомври во 20 часот, ќе биде отворена камерна изложба на познатиот македонски уметник Трајче Чатмов. Пред љубителите на уметноста во наредните десет дена ќе бидат претставени триесетина негови дела, цртежи и слики работени во техниката акрил на платно.
„Се работи за дела на кои работев во изминатата година и тие досега не беа изложени пред јавноста. Сликите и цртежите се од различен формат, а овој пат направив микс од досегашните теми, кои ги работев во изминатите циклуси, претставен е човекот, но и животни…“, вели Чатмов.
Во однос на сликарството на Чатмов, проф. д-р Милош Милосављевиќ потенцира дека денешното сликарство, кое го прави Чатмов препознатлив на регионалната ликовна сцена, е колористички богато, а палетата – на прв поглед сирова, крие сензибилни и експресивни добро изградени површини.
„За разлика од раните сликарски експерименти, клучниот мотив во денешното сликарство на Чатмов е обичниот човек и неговото опкружување. Исто така, Чатмов не се лишува да направи забелешки поврзани со одредени историски настани и на истите да им вметне емотивна и емоционална примеса. Неговото сликарство е отворено, искрено и спонтано, всушност каков што е и тој самиот. Доколку се земе предвид дека визуелните уметности се универзално прифатливи од причина што по својата структура се лишени од сите културолошки, национални, јазични, верски бариери, тогаш сликарството на Чатмов по својата структура, покрај тоа што може да се окаракреризира како вонсериско, би можело да се дефинира и како вонвременско. Просто, тоа е жива емоција, забелешка на едно време, време сегашно”, вели, меѓу другото, Милосављевиќ. (Д.Т.)
Comments