МЗТ се подготвува за сезона на четири фронта: „Штрковите“ се пофалија и со второ странско засилување (Фото)
- Aleksandar Santovski
- Jul 30
- 1 min read
30.07.2026 Juli Cetvrtok
Васко Атанасов остана во МЗТ и ќе го води проектот на тимот уште една натпреварувачка сезона, а бидејќи предизвиците ќе бидат уште поголеми поради учеството на четири фронта, јасно е дека ростерот мора да биде посилен од лани.
МЗТ веќе повлече неколку клучни потези до оваа фаза од летото, а денеска ја информираше јавноста дека е договорено и второто странско засилување во името на Ноа Фарахан.
– Американскиот бек Ноа Фарахан (25 години, 185 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје, откако денеска и официјално стави потпис на договорот со нашиот клуб.
– Станува збор за квалитетен плејмејкер, кој зад себе веќе има една европска сезона. Истата ја почна во босански Студент, продолжи во Игокеа и Борац Бања Лука, а ја заврши во словачкиот прволигаш Комарно. Универзитетската кариера ја започна во Источна Каролина, по што настапуваше и за Вест Вирџинија, како и за Хемптон Пајратс. Минатото лето одигра четири натпревари во дресот на Сан Антонио Спарс во Летната НБА-лига, каде што дополнително го потврди својот потенцијал.
– Македонската кошаркарска јавност добро го памети неговото издание токму против МЗТ Скопје во АБА2 лигата, кога постигна 27 поени и седум асистенции. Фарахан е второто странско засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по босанскиот центар Емир Крајиниќ. Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов. Во сезоната што следува МЗТ Скопје ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.






Comments