МЗТ претстави уште две странски засилувања: Бековската линија ќе биде на американски погон (Фото)
МЗТ Скопје во текот на вчерашниот ден ги претстави Душан Танасковиќ и Марко Баковиќ како први странски засилувања за новата натпреварувачка сезона, но неполни 24 часа подоцна, објави дека е комплетиран квартет од странски играчи во првиот тим.
Македонскиот првак повлекува нови потези за сезоната која претстои и реши да ангажира двајца талентирани кошаркари од САД, кои всушност ќе играат на бековските позиции.
– Квартетот странци кои ќе го носат плаво-белиот дрес следната сезона го комплетираме со бековскиот тандем од САД, кој ќе го сочинуваат Седрик Расел (24 год, 188 см) и Ејасу Ворку (24 год, 188 см). Двајцата се талентирани кошаркари, со европско искуство, кои ги краси брзината, преглед на играта, а кога треба и агресивност кон противничкиот обрач со цел на својот тим да му донесат драгоцени поени.
– Расел зад себе има пет одлични години во елитната дивизија од НЦАА-лигата, од кои четири во дресот на Луизијана универзитетот, во кои во последната сезона имаше просек од 17 поени. Минатата сезона го имаше првиот настап во европската кошарка и тоа во дресот на српскиот прволигаш Тамиш, каде што просечно реализираше 16,2 поени со 2,4 скока и 2,3 асистенции. Ворку, пак, е добро познат на македонската кошаркарска јавност со оглед што предминатата сезона настапуваше за Гостивар со просек од 16,8 поени, 5,1 скока и 7,2 асистенции. Европската авантура ја почна пред три години во хрватскиот тим Забок, за потоа да направи трансфер во Задар, каде што остави повеќе од солиден впечаток.
– Нашиот тим вчера се засили со српско-хрватскиот центарски тандем, Душан Танасковиќ и Марко Баковиќ, ден претходно ростерот го освеживме со талентираните Марин Петков и Марко Миловановиќ, додека договорна обврска од претходно имаа браќата Дамјан и Војдан Стојановски и Андреј Андоноски. Тренер на МЗТ Скопје и во следната сезона ќе биде Васко Атанасов.
Comments