МЗТ потврди: Атанасов останува тренер на првиот тим
12.07.2024 Juli Petok
МЗТ Скопје Аеродром реши доста важни прашања во изминатиот период и главна вест беше останувањето на браќата Стојановски, а ова попладне пристигна информација дека главен човек за играта на тимот повторно ќе биде Васко Атанасов.
Младиот стручњак се покажа како голем кошаркарки мозок уште пред да влезе во четвртата деценија во животоот, па сега како 30-годишник доби нов договор од МЗТ.
Македонскиот првак официјално соопшти дека досегашниот тренер на првиот тим добил нов договор, што значи дека и трета сезона ќе го гледаме како лидер на проектот на „металците“.
– Тоа што веќе беше очекувано денеска доби официјална потврда, а тоа е дека Васко Атанасов и во следниот период од клупата ќе го предводи тимот на МЗТ Скопје Аеродром.
– За 30-годишниот стратег ова ќе биде втора сезона која од самиот старт ќе ја почне како прв тренер, а вкупно трета со оглед што шансата за предводење на сино-белата чета ја доби пред крајот на сезоната 2022/23. Атанасов веќе има две шампионски титули со нашиот клуб, како и еден трофеј од Купот на Македонија, освоен во февруари годинава на завршниот турнир во Битола. Зад него е и претходно е искуство од самостојно водење екипи и тоа со БАС Академи, Струмица и молдавскиот прволигаш Адмиралс.
– Атанасов веќе има осум кошаркари на располагање за следната сезона и тоа новото засилување, Американецот Брандон Слај, потоа Хрватот Марко Баковиќ, браќата Дамјан и Војдан Стојановски кои неодамна ги обновија договорите, како и староседелците Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ, – гласи објавата на МЗТ.
Comments